„Под роговите на упорноста“ – „Култура Бета“ го заокружува циклусот настани во „Буква“

Оваа сабота, 27-ми декември, ќе се одржи повеќечасовен настан во организација на „Култура Бета“ насловен „Под роговите на упорноста“. Поводот е затворањето на кафе-книжарницата „Буква“ на нејзината сегашна локација на улицата „Луј Пастер“, под надреалната Куќа на бесконечноста и трите брези. Настанот обединува повеќе сегменти со кои ќе се заокружи циклусот случувања преку кои здружението „Култура Бета“ го развиваше своето дејствување токму во „Буква“, која меѓу другото служеше и како своевиден културен центар.

Настанот опфаќа повеќе елементи. Во 18 часот, ќе има дискусија на која ќе се постави прашањето „Има ли дом за независната сцена?“ на која ќе учествуваат Небојша Вилиќ, Марија Стојанова, Милош Б. Андоновски и Марија Хана Трајкоска. Доаѓајќи од различни позиции во културната сфера тие ќе го претстават своето гледиште за постоењето и развојот на јавните простори кои ја негуваат и поттикнуваат независната уметничка и културна сцена.

Следниот дел од настанот ќе биде поетското читање „Поетска епизода“, кое е закажано за 20 часот, на кое ќе се заокружи циклусот читања одржани во „Буква“. Модератори се Ивана Јовановска и Андреј Медиќ Лазаревски, а ќе читаат 40-тина поети кои учествувале на претходните изданија на „Поетска епизода“: Ива Петреска, Андреј Ал-Асади, Марија Велинова, Викторија Ангеловска, Марија Ангеловска, Јулијана Величковска, Ана Голејшка Џикова, Моника Стојановска, Љубица Шопова, Биљана Стојановска, Александра Спасеска, Д.А. Лори, Ѓоко Здравески, Марија Хана Трајкоска, Васко Марковски, Николина Андова Шопова, Милена Сиљановска, Никола Наумовски, Дарија Јовановска, Андреј Ангеловиќ, Вероника Димоска, Ангела Бошкоска, Љубица Петровска, Иван Шопов, Методија Тасевски, Филипа Сара Попова, Стефан Спасовски, Нино Наумовски, Драгана Стојадиновска, Јосип Коцев, Макрина Јорданова, Сатја Александар Давитков, Емануела Ковачевска Китановска, Софија Тодоровска, Јована Стаматовска.

Во 22 часот ќе започне музичката програма со настап на „Животни“, бенд што преку својот прв албум „На Балкан, сам“ пее за светлината, за гневот и за будноста, со протестна енергија и искрен крик против неправдите.

Крајот на вечерта ќе се заврши со музичкиот избор на Дона Илијевска кој ќе повика на танц до фајронт.

Инаку, изминатава година „Култура Бета“ наполни пет години, а токму „Буква“ беше местото каде ова младинско здружение се развиваше и обликуваше – живеејќи во културолошка симбиоза со кафе-книжарницата. Во интервју со Радио МОФ, Калина Качоровска од „Култура Бета“ ја нарече „Буква“ „едно од оние места во градот кои ѝ овозможуваат на младинската, независна култура да постои во физичкиот простор“.

„Во оваа кафе-книжарница сме ги правеле сите родендени досега, еден куп настани и состаноци. Многу од идеите за ‘Култура Бета’ се родиле токму таму. Ова место е во култоролошка симбиоза не само со нас како здружение, туку со целата алтернативна сцена како таква, затоа што сите се залагаме за истите вредности – природно, искрено и здружено создавање на култура. Токму затоа ‘Буква’ на некој начин стана нов културен центар во градот, каде се одржуваат настани речиси секој ден од неделата“, посочи Качовоска.

[Интервју] Калина Качоровска од „Култура Бета“: Не дозволуваме да тлееме во носталгија или да станеме циници, затоа што тие појави резултираат со пасивност и неутралност

Бојан Шашевски