Искуствата во Македонија покажуваат дека со активизмот младите одбираат да бидат гласни, наместо рамнодушни против одредени промени во општеството. Воедно, активизмот може да биде протест, онлајн кампања, волонтирање, пишување, уметност или едноставно одбрана на нечии права. Во време кога светот се соочува со социјални неправди, климатски кризи, нееднаквост и дискриминација, активизмот меѓу младите станува неопходен. Тоа е начин да кажат „доста е“ и да понудат подобра визија за иднината.
Такво е искуството на Тамара од Охрид. Таа има 19 години и верува дека секој човек носи искра што може да запали промена.
„Почнав со мали чекори, помагање на соседите, организирање акции за чистење, поддршка на младите. Денес гледам како тие мали дела создаваат голема разлика. Не мора да бидеш суперхерој за да помогнеш. Доволно е да имаш срце што не се плаши да делува“, сведочи Тамара.
„Секоја иницијатива, колку и да изгледа мала, има моќ да инспирира другите“, дополнува Тамара, додавајќи дека кога заедницата се здружува, гласот станува посилен, идеите се остваруваат, а промената станува реалност.
Она што е значајно за акциите каде учествува Тамара, е тоа што се собираат различни профили луѓе. Деца и студенти од една, но и соседи, пријатели, уметници и професионалци од друга страна.
Сите за заедничка цел – поздрава околина.
„Кога гледам како луѓето се вклучуваат, како млади и стари се здружуваат за еден заеднички идеал, сфаќам дека промена е возможна. Не треба да чекаме друг да почне. Секој од нас може да биде искра, секое дело се брои“, додава Тамара.

Сара Саити е млада активистка од Тетово. Според неа, понекогаш не се работи само за акции, туку активизмот претставува создавање култура на грижа и одговорност кон заедницата.
Саити е дел од Социјално културниот центар во Тетово (СКЦ Тетово), познат како „Space Tetovo“. Тие неодамна сменија локација во градот, каде продолжија да го шират концептот на дружење, култура и активизам што ќе им биде достапен на сите, а пред сè на младите во градот. Познато е дека во „Space Tetovo“ има изложби, филмови, концерти, дискусии, како и заеднички заложби и иницијативи за поквалитетен живот.
Со нив, покажуваат дека промените се можни, особено што никнуваат од локалната заедница.
„Генерално гледано во државата, најмногу ни недостасува значајна промена, далечна од тие површинските. Непотизам, корупција и страв следува кога се збори против промените. Некои сметаат дека е најбезбедно да се ќути. Така млади лажно се убедувани во нивна немоќ“, додава Саити.
Од друга страна, активностите на Саити и активистите-соборци од Тетово се доказ дека, сепак, младите се прилично моќни. Тоа го забележа и познатата активистка Грета Тунберг, која на крајот на јули 2025 ги посети „спејсери“ на новата локација. Таму, над 100 волонтери интензивно работеа на нејзино уредување. Рака за рака, алат за алат – заедно.

Оттука, Саити посочува дека преку малите дела се создава голема разлика.
„Волонтирам во локални организации, пишувам околу секојдневното живеење тука, им се спротивставам на сите форми на неправда, дури и кога е ризично. Овие се мали дела кои би сакала сите млади да ги прават, за конечно да видиме вистинска промена“, нагласува Саити.
Искуствата на Тамара и Сара покажуваат дека промената не се случува сама од себе, таа започнува со индивидуални гестови на храброст, солидарност и упорност. Односно, како што и самите рекоа, секое мало дело има значење. Преку волонтирање, организирање акции, поддршка на заедницата или едноставно споделување на вистината, се создава синџир на влијание кој поттикнува и други да делуваат.
На тој начин, активизмот не само што ја трансформира околината, туку ги гради и вредностите кои ја обликуваат иднината – праведност, солидарност и одговорност.
Aвторка: Сара Танаскоска
Ментор: Бојан Шашевски
Фото: Social Cultural Space Tetova
Овој производ е изработен во рамки на регионалната иницијатива на Обединетите нации „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ финансиран од Фондот на Обединетите нации за градење мир што го спроведуваат УНФПА, УНДП, УНЕСКО и UNWOMEN чија цел е да ги поттикне младите да се вклучат во конструктивни наративи, јакнење на меѓукултурниот дијалог, инклузија, родова еднаквост и креирање заедничко разбирање и доверба во Западен Балкан.
Ставовите изразени во овој производ се ставови на говорниците и не секогаш ги претставуваат ставовите и мислењата на Фондот на Обединетите нации за градење на мир, на УНФПА или на УН Северна Македонија.







