Геотермалниот потенцијал во двете земји е недоволно искористен, бањскиот туризам предничи, но не и енергетските можности кои ги нудат топлите подземни води
„Богатиќ има можности да биде најчистата општина во Србија. За жал, не е така. Геотермалната вода не е доволно експлоатирана“, вели директорот на Туристичката организација на Богатиќ, Иван Кнежевиќ.
Општина Богатиќ пред шест години одлучи да искористи дел од големиот геотермален потенцијал кој се наоѓа под земја. Подземните води ги грејат радијаторите во зградите на општината, полицијата, судот, јавното комунално претпријатие, центарот за социјална работа, детската градинка „Слава Ковиќ“, основното училиште „Мика Митровиќ“ и Мачванското средно училиште.
Во последно наведениот објект наоѓаме прозорци отворени „на кант“, иако надвор е ладно. Учениците излегуваат на одмор со кратки ракави.
„Температурата е стабилна од наутро до крајот на втората смена. Понекогаш е и претопло“, вели директорката на оваа средна школа, Бојана Којиќ Јездимировиќ.
Подземјето на Мачва може да загрее многу повеќе. Околу 600 километри јужно, во источна Македонија, ситуацијата е слична.
„Имаше проекти градот да биде топлифициран со геотермалната вода. Проекти имаше, до кај се тие? Се зборува, но реализацијата е некаде во некоја фиока“, разочарано раскажа локалниот активист Стојан Рашков од Кочани. Разговорот го водевме во тмурно ноемвриско утро во дворот на основното училиште „Никола Карев“ во центарот на овој град од Источна Македонија.
Сепак, во Кочани не мора состојбата да биде ваква. Освен ова основно училиште, геотермалната вода за греење на просториите ја користат објектот на средното училиште „Љупчо Сантов“, основното училиште „Свети Кирил и Методиј“, градската спортска сала и кочанскиот основен суд. Изворот на топлина е оддалечен на пет километри и се наоѓа во селото Долни Подлог.

Во Мачванското средно училиште прозорците се отворени, иако надвор е ладно; Фото: Сања Ѓорѓевиќ
Богатиќ и Кочани се единствените примери во двете земји, каде геотермалните води се користат за греење на јавните институции. Истражувањата во Богатиќ започнаа во 80-тите години на минатиот век, но овој потенцијал почна делумно да се користи дури во 2019 година. Во Кочани системот функционира од 1984 година, но исто така не е доволно искористен, објаснува локалниот активист Стојан Рашков.
„Ако веќе како ресурс стои на располагање за топлификација да се грее цел град, тоа е голем ресурс што може да се искористи“, вели тој.

Локалниот активист Стојан Рашков пред една од чешмите со геотермална вода во Кочани; Фото: Бојан Блажевски
Но, состојбата на терен е далеку од идеална. Рашков потенцира дека има потенцијал да се изградат СПА-центри, но ниту постојните хотели во Кочани не располагаат со приклучок за искористување на топлите подземни води за туристите. Тој потсетува и на девастираната Кочанска бања, која на просторите на поранешна Југославија била препознатливо бањско лекувалиште. Рашков ни предложи да го посетиме овој објект како симбол на незаинтересираноста за искористување на геотермалниот потенцијал на Кочани.
Патот полн со дупки кој води кон селото Бања на околу 10 километри од Кочани е само една тажна увертира на уништениот симбол на бањскиот туризам. На крајот од селскиот пат се наоѓа комплексот затскриен од грмушки и дрвја израснати околу него. Искршени прозорци и ширум отворени врати од напуштените објекти оставени на забот на времето е сликата на Кочанската бања денес. Во некогашните објекти може слободно да се влезе, што допринело крадците да ги однесат сите вредни работи од овој бањски комплекс. Наместо од славините, водата извира од покривот што е мувловосан, а расфрланото ѓубре може да се најде на секој чекор во објектите.
*Девастираниот комплекс Кочанска бања наспроти базенскиот комплекс „Термална ривиера“ во Богатиќ (слајдер лево-десно); Фото: Бојан Блажевски, Сања Ѓорѓевиќ
Инвеститорите од Богатиќ размислуваат поинаку. Базенскиот комплекс „Термална ривиера“ до пред неколку години функционираше само со еден базен, а се грееше со калорифер. Тогаш сфатија дека не им се исплати да ја фрлаат водата од базенот, додека плаќаат струја која за стопанството е значително поскапа отколку за домаќинствата.
Во овој комплекс во моментов се изведуваат градежни работи. Кај базените се инсталира подно греење. Проектната менаџерка на овој комплекс, Тамара Сабљиќ ни објаснува како планираат да го затворат кругот. Базените се најголеми потрошувачи и во текот на денот во нив се менува 50 отсто од водата, при што истата оди во системот за греење.
„Гледаме да фрламе што помалку“, вели Сабљиќ. Додава дека рециклажата на водата и инсталацијата на соларни панели е голема инвестиција, но дека на подолг рок се исплатува еколошки, но и економски.
„Не постои отпадна вода од геотермалните извори“, вели професорката на Рударско-геолошкиот факултет во Белград, Ана Врањеш. По поминувањето низ системот, останува на располагање истата количина геотермална вода, со непроменет хемиски состав. Доколку не се искористи, водата може да се врати во средината од која потекнала, што се вика систем на геотермални дуплети.
„Термалната ривиера“ има своја бушотина со температура од над 70°C, а неодамна инсталираше пумпа за да го зголеми притисокот. Освен два внатрешни, располага и со еден надворешен базен и еден базен со тобогани за деца. Имаат сместувачки капацитет, а планираат и изградба на хотел и пластеници. На местото каде термалната вода 15 години непотребно истекувала, се создало лековито блато и тоа исто така планираат да го понудат на идните посетители.

Подно греење од срцето на земјата; Фото: Сања Ѓорѓевиќ
Властите без интерес за искористување на геотермалниот потенцијал
За Стојан Рашков руининираниот комплекс Кочанска бања е доказ дека природниот ресурс со кој располага градот е минимално искористен.
„Кочани е познато по геотермалните води. За жал, ти да немаш еден хотел со СПА и минерална вода, тоа е трагично во 2025 година“, вели Рашков.
Ужасната состојба со инфраструктурните капацитети во овој македонски град е најсликовит пример за незаинтересираноста на македонските власти за искористувањето на геотермалниот потенцијал со кој располага државата.
„Во последните години не се вршени испитувања за геотермалните води. Главните испитувања се вршени во минатиот век од 50-тите до 80-тите години“, појасни професорот Војо Мирчовски од Катедрата за Хидрологија и Геологија при Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Девастираниот комплекс Кочански бањи; Фото: Бојан Блажевски
Неговиот колега, проф.д-р Марјан Делипетрев од истоимениот Факултет за природни и технички науки на штипскиот универзитет вели дека потенцијалот за изградба на геотермални електрани и системи за греење е недефиниран во земјата.
„Целокупното знаење за геотермалните ресурси се темели врз истражувања од поранешна Југославија, кои главно се фокусирале на пронаоѓање термална вода, а не на развој на енергетски системи“, објаснува професорот Делипетрев.
Тој е автор на физибилити студија за можноста за изградба на првата геотермална електрана во Македонија, која би можело да се реализира во Кочанската котлина или на други локации долж Вардарската долина.
„Иако постојните податоци овозможуваат прелиминарни проценки, за целосно потврдување на изводливоста се потребни дополнителни истражувања, вклучително и пробни бушења и геофизички мерења“, вели овој професор кој се јавува како еден од ко-авторите на научниот труд „Potential for Construction of a Geothermal Power Plant in the Republic of North Macedonia“.
Пресметките од физибилити студијата покажуваат дека за ориентациона висина на инвестицијата би можела да се земе за пример првата геотермална електрана во Хрватска, „Велика 1“, чиј изведбен проект чинел околу 55 милиони евра. Делипетрев смета дека оваа бројка дава реална претстава за големината на инвестицијата во првата македонска геотермална електрана.
Професорката Ана Врањеш од Рударско-геолошкиот факултет во Белград објаснува дека делови од Србија и Северна Македонија имаат слични геотермални карактеристики, со оглед на тоа што геологијата не познава државни граници. „Српско-македонскиот масив“ опфаќа делови од Шумадија, Копаоник, Косово и Метохија и Северна Македонија.
„На овој дел од теренот, во релативно скоро геолошко минато се случиле магматски активности, кои, заедно со другите геолошки и хидрогеолошки фактори, придонеле за денешниот изглед на теренот кога станува збор за геотермалните појави“, објаснува оваа професорка.
Според Стратегијата за развој на енергетиката во Србија, топлотниот тек е над просечниот за Европа (60 mW/m²) и се движи од 80 до 120 mW/m². Тоа значи дека Србија под нејзино тло располага и со двојно повеќе топлотна сила.
Извори на термална вода се пронајдени во над 60 општини во оваа држава. Во моментов се во функција над 3.000 системи што користат геотермални ресурси во градежниот сектор, било директно или преку примена на топлински пумпи, со проценет топлотен потрошувач од околу 200 MW, наведува Ана Врањеш. Тоа е моќност што ја користи еден град од средна големина.
„Енергетскиот потенцијал на подземните води во плитките геотермални системи (бара користење на топлински пумпи) е проценет на околу 5.000 MW, што претставува во моментов една четвртина од вкупните потреби за производство на топлинска енергија во државата“, вели Ана Врањеш од Рударско-геолошкиот факултет во Белград.
Професорот Јосиф Јосифовски од Градежниот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје вели дека Македонија е идеален регион за примена на системите за геотермална енергија за греење и ладење.
„Температурата во подземјето под десеттиот метар длабина е константен и се движи помеѓу 120 и 200 степени“, објасни професорот Јосифовски.
Тој смета дека државните и јавните институции треба да се предводници во искористувањето на геотермалните извори на енергија, во процесот на обезбедување енергетска независност и намалување на зависноста од фосилните горива.
„Тука посебно мислам на објектите како што се училиштата, градинките, болниците и објектите на државните органи, што е јасно доколку се следат искуствата од другите европски земји“, вели професорот Јосиф Јосифовски.
Зошто Србија и понатаму е зависна од фосилните горива?
Професорката Ана Врањеш објаснува дека со користењето на геотермалната енергија се користат локални ресурси, со што се намалува зависноста од увоз на фосилни енергенси. Овој ресурс е стабилен, не зависи од временските услови, економски или политички кризи. Овој енергенс не ја загадува животната средина и не придонесува за ефектот на стаклена градина. Поради тоа што 15.000 метри квадратни во Богатиќ повеќе не се грејат со согорување на фосилни енергенси, во атмосферата годишно завршуваат 1.000 тони јаглерод диоксид помалку.
Во Извештајот за геотермалната расположивост на локациите во Србија се наведува дека преку 50% од произведената електрична енергија што се користи за греење на простории може да се заштеди со користење на геотермални води. Тоа е особено важно кога ќе се земе предвид дека околу 70% од електричната енергија во Србија се добива со согорување на фосилни горива.
Се наметнува прашањето зошто тогаш овој потенцијал не е доволно искористен?
Од српското Министерство за рударство и енергетика велат дека постоењето на потенцијалот не значи дека тој е автоматски и искористлив. Исплатливоста зависи од населеноста на околината, постоењето на индустриски потрошувачи, типот на земјиштето, сопственичките односи, достапноста на патната и електроенергетската инфраструктура, како и намената — дали станува збор за греење, производство на електрична енергија, балнеологија, пластеници или употреба на топлински пумпи.
„Една од клучните пречки се високите почетни трошоци за изградба на систем за користење на геотермална енергија. Иако овие системи се исплатливи и стабилни на подолг рок, значителен број инвеститори се одлучуваат за други видови енергија со пониски влезни трошоци“, наведуваат од министерството.
Раководителот на секторот за витален развој во Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Србија, Жарко Петровиќ, вели дека главната пречка не е во недостатокот на ресурси, туку во различните регулаторни, технички и финансиски ограничувања.
„Постои значителен јаз меѓу проценетиот потенцијал и практичната употреба, бидејќи потребните процедури — од истражувања, преку верификација на резерви, до издавање дозволи се долги и сложени“, вели Петровиќ.
Освен тоа, вложувањето во геотермални истражувања не гарантира позитивни финансиски ефекти. Според тоа, јавниот сектор нема доволно ресурси и капацитети да развие почетни анализи кои би ги намалиле ризиците за приватните инвеститори.
Од друга страна, професорката од Рударско-геолошкиот факултет во Белград, Ана Врањеш, тврди дека „препреките за користење на геотермалната енергија не постојат“. Законот дозволува физички и правни субјекти во Србија да остваруваат бенефиции од овие подземни води. Имаме доволно стручњаци во оваа област, со оглед на тоа што геотермалната енергија се изучува на сите нивоа на студии на Департманот за хидрогеологија.
Евентуалните пречки можат да бидат недоволната информираност на пошироките слоеви во општеството за предностите на овој енергенс, како и вложувањата и олеснувањата кои една држава ги обезбедува за развој на геотермални постројки.

Над 15.000 метри квадратни простории во Богатиќ се грејат со геотермални води; Фото: Сања Ѓорѓевиќ
Токму тоа е причината поради која граѓаните на Богатиќ ќе мораат уште да чекаат водата од длабочините да помине низ радијаторите во нивните куќи.
„Јас дома се грејам на дрва. Би сакала да имам приклучок и дома. Стабилно е и поедноставно за одржување“, вели директорката на Мачванското средно училиште Бојана Којиќ Јездимировиќ.
Во моментов е планирано проширување на системот на културно-образовниот центар, библиотеката и здравствениот дом, кој поради својата големина и големите прозорци, е најголем потрошувач. Овој проект би го финансирале Европската банка за обнова и развој и Министерството за финансии, наведе Игор Рашевиќ од Канцеларијата за локален економски развој во Богатиќ.
„За домаќинствата да можат да се приклучат на геотермалното греење, би требало да се изгради геотермална централа. Буџетот на Општина Богатиќ е мал за толку голема инвестиција“, објасни Рашевиќ.
Од друга страна, во тек е гасификација на целата општина и над половина од домаќинствата во Богатиќ се покриени со неа. Ова е позелен начин на греење од мазутот и јагленот, но би требало да претставува само привремено решение.
Директорката на Мачванското средно училиште Бојана Којиќ Јездимировиќ е незадоволна што трошоците за одржување на системот за греење поскапеле двојно. Месечните трошоци за греење на 4.222 метри квадратни на училиштето лани изнесувале 67.000 динари. Сега оваа школа за греење издвојува 144.980 динари секој месец во текот на годината. Не успеавме да ја дознаеме причина за поскапувањето.
Може ли од геотермална вода да се добие струја?
За тоа каков е интересот за искористување на геотермалните води и пареа за енергетско производство во Македонија ги прашавме и државните институции. Од Регулаторната комисија за енергетика информираа дека единствено јавното претпријатие „Водовод“ од Кочани поседува три лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со геотермална енергија.

Селото Подлог на влезот од Кочани од каде што се црпи геотермалната вода за Кочани; Фото: Бојан Блажевски
Од македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини објаснија дека геотермалната вода е регистрирана како минерална суровина, при што во нивниот регистар имаат впишано 15 концесионери кои добиле концесија за експлоатација на геотермалната вода.
Од ова министерство не дадоа конкретни податоци, освен дека постојат инвеститори што поднеле барања за информации, како и иницијални студии и прелиминарни проекти за искористување на геотермалниот потенцијал за производство на топлинска енергија и за комбинирана употреба на топлина и електрична енергија преку користење на постојните ресурси на земјата.
За разлика од можноста за користење на геотермалните води за затоплување, од ова министерство велат дека Македонија поседува ограничени локалитети каде условите би ги оправдале инвестициите во геотермални електрани за производство на струја.

Зарѓани цевки и уништена топлотна изолација на дистрибутивниот систем на геотермални води на влезот во Кочани; Фото: Бојан Блажевски
Во Србија пред неколку години се спроведени истражувања со цел проценка на геотермалниот потенцијал за производство на електрична енергија. Потенцијал за ова постои во делови од Банат, наведува професорката Ана Врањеш. Економски исплатливото производство на струја зависи од температурата на геотермалните води, а таа вредност изнесува околу 150°C.
„Со развојот на технологиите се намалува и прагот на економска исплатливост, па така денес имаме успешни примери на работа на постројки и со 100 степени и пониско“, вели Врањеш.
Од Министерството за рударство и енергетика наведоа дека сè што досега е истражувано не е економски исплатливо. Повеќето геотермални електрани во светот функционираат со температури од над 120°C, што во Србија сè уште не се пронајдени.
„Се разгледува можноста за изградба на геотермални електрани со бинарен циклус, кои користат ресурси со пониска температура. Сепак, според сегашните пазарни и технолошки услови, како и цените на продажба на електричната енергија, вакви проекти сè уште не се економски оправдани“, наведуваат од министерството.

Оранжериите во Кочанскиот регион ги користат геотермалните води за загревање на просториите за производство на зеленчук и цвеќиња во зимскиот период; Фото: Бојан Блажевски
Иднината е во производството на енергија
Експертите и невладините организации пак потенцираат дека државните власти треба многу работи да променат за да се создаде интерес за инвестирање во геотермалната енергија.
Професорот Делипетрев појаснува дека треба да се измени македонскиот Закон за минерални суровини, во кој геотермалната вода би се дефинирала како енергетски ресурс.
„Во оваа насока, имателите на концесии за геотермални извори треба да бидат законски обврзани да го искористуваат повеќе од 60% од достапниот ресурс, а доколку не се искористува концесијата, истата да биде одземена и да се додели на друг инвеститор“, вели тој.
Неговиот колега, професорот Мирчовски дополни дека Македонија не располага со нафта, а од фосилните горива има количества на јаглен што се ограничени на нејзината територија. Од друга страна, геотермалната енергија е обновлив извор, но и не ја загрозува животната средина.
„Битно е и од стратешки интерес вие кога располагате со сопствена енергија, тогаш вие едноставно имате предност, не сте зависни од увози на секаков вид на енергија“, вели Мирчовски.
Од невладиниот Центар за климатски промени од Скопје потсетија дека во 2006 година е направено истражување во југоисточниот регион од Македонија, кое покажало потенцијал за годишно производство на топлинска енергија од 621 гигават часови при температури на геотермалните води од 26 до 70 целзиусови степени.
Иако Македонија располага со нискотемпературни геотермални води, од Центарот за климатски промени велат дека геотермалната енергија неоправдано е минимизирана и во актуелната Стратегија за енергетика на државата за периодот до 2040 година.
„Единствениот контекст во кој се споменува е недоволниот потенцијал за производство на електрична енергија, без воопшто да се анализира потенцијалот за добивање на топлинска енергија што исто така ќе придонесе за декарбонизација“, изјавија од Центарот за климатски промени.
И во српскиот стратешки документ за енергетика на овој ресурс не му е дадено големо значење. Во проекцијата до 2030 година, производството на топлинска енергија од геотермални ресурси не е ниту разгледано, додека капацитетот за производство на електрична енергија од геотермални ресурси во 2030 година е проценет на 5 MW, наведува истражувањето за состојбата и перспективите на геотермалната енергија во Србија.

Пред да биде употребена за греење, врелата вода од подземјето била користена за шурење на свињи, по кои Богатиќ е познат; Фото: Сања Ѓорѓевиќ
Од Центарот за климатски промени укажуваат на тоа дека само производството на топлинска енергија од 621 гигават часови во југоисточниот дел на Македонија би заштедило согорување на 60.000 тони мазут кој е штетен за животната средина. Геотермалната енергија може да се користи и како извор за топлинските пумпи кои би се користеле за затоплување на објектите.
„Ова е значаен чекор и во позначајно користење на оваа енергија за загревање на објекти, со што во овие региони ќе се направи битен напредок кон декарбонизација на греењето“, потсетија од Центарот за климатски промени.
Од оваа невладина организација укажуваат дека геотермалната енергија може да се искористи за топлифицирање на цели населби, па и градови, а тоа пак би помогнало и кон остварување на стратешките планови за декарбонизација и заштита од климатски промени на кои сме се обврзале како земја.
Показател дека состојбите не се движат во правилна насока со искористувањето на геотермалната енергија во Македонија се статистичките податоци кои изминативе години укажуваат на рекордно ниско производство на енергија од геотермалните води. Бруто-примарното производство на геотермална топлина во 2011 година изнесувало 11.937 тони на нафта еквивалент (toe). Последните податоци за 2023 година на Државниот завод за статистика покажуваат произведена геотермална топлина од 4.223 тони на нафта еквивалент или намалување за речиси три пати во период од само една деценија. Во однос на вкупното бруто-примарно производство на енергија во Македонија, геотермалната енергија е рамна на статистичка грешка во целокупното енергетско производство, кое во 2023 година изнесувало околу 936.000 toe.
За разлика од Македонија и Србија каде геотермалната енергија е недоволно искористена, Германија претставува позитивен пример како во изминативе години се инвестира во енергетски објекти.
Сара Боруфка, раководителка за комуникации од Германската геотермална асоцијација нѝ објасни дека првата геотермалната електрана била отворена во оваа европска земја во 1984 година. Тоа е идентичната година кога е пуштен во употреба и геотермалниот систем во Кочани. Во Германија денес се изградени 42 геотермални електрани, од кои најголемиот дел – 31 се за производство на топлинска енергија. Во моментов се градат уште 18 капацитети, а за дури 169 објекти веќе се обезбедени одобренија за градење.
„Технологијата во Германија се докажа како сигурна, долготрајна и ефикасна“, вели Сара Боруфка од Германската геотермална асоцијација.
Таа додава дека технологијата денес е многу поразвиена во споредба со 80-тите години на минатиот век. Како пример го даде геотермалниот систем во градот Пренцлау, кој располага со геотермални води од само 44 целзиусови степени, но со модерни топлински пумпи и многу малку струја успева да произведе топлинска енергија.
„Во Германија веќе има многу вести за порастот на цената на гасот следната година, поради бојкотот на рускиот гас. И затоа, повеќе од очигледно е дека не треба да зависиме од влади кои се диктаторски и кои се многу тешки политички да се предвидат“, објасни Боруфка, додавајќи дека користењето на гасот е многу нестабилно и се менува поради политичките случувања.
Од изворот до радијаторите ги снемува 80-те степени
Македонската состојба пак е далеку од било какви инвестиции на овој план. Враќајќи се назад во Кочани, од тамошното јавно претпријатие „Водовод“ признаваат дека производството, дистрибуцијата и снабдувањето со геотермална топлина се соочува со сериозни проблеми.
„Постојната инфраструктура со која располага ЈП Водовод и Сектор Геотерма како што се експлоатационите бунари, резервоарите, транспортните пумпи, дистрибутивниот систем и системот за реинектирање се во незавидна состојба поради дотраеност на истата и недостаток на инвестиции за подобрување и модернизирање на целиот систем“, информираа од јавното претпријатие „Водовод“.

*Соголениот цевковод за дистрибуција на топлата вода од Долни Подлог до Кочани; Фото: Бојан Блажевски
Лошата состојба со дистрибутивната мрежа може да се увиди и од цевководот со должина од 7 километри, кој ја пренесува топлата вода од селото Долни Подлог до корисниците во Кочани. Цевките на влезот од Кочани се соголени, со извадена и украдена топлинска изолација од надворешната страна, што доведува до тоа температурата од речиси 80 целзиусови степени да се губи при транспортот, пред геотермалната вода воопшто да пристигне до потрошувачите.
Постојниот систем во Кочани е димензиониран да замени користење на 15.000 тони мазут годишно со геотермална вода која е обновлив и чист еколошки извор на енергија, велат од ЈП „Водовод“.
Од кочанската еколошка организација „Green.org“ објаснија дека искористеноста на геотермалниот систем во Кочани денес е помала од капацитетот што го има.
„Главните причини се застарената инфраструктура, зголемените трошоци за одржување, недоволната наплата на услугите и заминувањето на дел од индустриските корисници од системот“, велат од невладината „Green.org“.
Показател за лошата состојба во која се наоѓа единствениот геотермален систем во Македонија се годишните извештаи за работењето на јавното претпријатие „Водовод“ од Кочани. На крајот од 2024 година, загубите на секторот „Геотерма“ изнесувале речиси 15 милиони денари, додека две години порано овој сегмент од јавното претпријатие „Водовод“ ја завршил годината со загуби во работењето од над 9,6 милиони денари. Бројот на корисници на геотермалните води во 2022 година изнесувал 13, додека лани имало 11 корисници на подземните топли води што ги црпи ова јавно претпријатие.

Основното училиште „Никола Карев“ од Кочани е еден од објектите кои ги користат геотермалните води за греење; Фото: Бојан Блажевски
Подобрување на состојбата на кочанскиот геотермален систем се очекува со добиениот грант од 50.000 американски долари за изработка на техничка документација за реконструкција на собирниот резервоар и главниот цевковод, финансиран од Шведска и Бирото за регионален развој, а спроведен од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
Од кочанското јавно претпријатие велат дека недостигот на инвестиции им се главниот проблем во искористувањето на резервите од над 150 милиони метри кубни геотермална вода со температура од над 70 степени, со кои располага Кочанскиот регион. Била изработена и физибилити студија од чешката компанија „Карбон Редукс“, која посочила дека геотермалните води на длабочина од над 2.000 метри под земјата имаат температури од над 110 степени и се погодни за производство на струја. Според нивните пресметки од 2010 година, изградбата на бинарна постројка со капацитет од 3,2 мегавати би чинела околу 16 милиони евра.
Во делот на топлинската енергија, од ЈП „Водовод“ велат дека засега немаат изработено проекти за проширување на постојниот дистрибутивен систем кон индивидуалните домови во Кочани.

Спортската сала во Кочани е еден од неколкуте објекти кои се затоплуваат со геотермална енергија; Фото: Бојан Блажевски
„Имаме изработено пред-физибилити студија со техничко решение за бинарна постројка (топлана со биомаса и геотермална енергија) за индустриските објекти во новата индустриска зона“, велат од кочанскиот „Водовод“.
Според националната „Стратегија за развој на енергетиката во Република Македонија до 2030 година“, во земјата постојат 18 геотермални полиња со повеќе од 50 геотермални извори сконцентрирани во источниот дел на Македонија и долж Повардарието. Температурата на подземните води е од 20 до 78 степени, а издашноста на изворите е околу 1.000 литри во секунда.
„Геотермалната енергија, како финална, е планирана на ниво од 400-520 гигават часови до 2020 година, со што таа има значителен придонес во користењето на обновливите извори на енергија“, се наведува во Стратегијата изработена за периодот до 2030 година, а објавена во 2010 година.
Пет години подоцна од дадените проценки за искористеноста на геотермалната енергија во оваа стратегија, професорот Војо Мирчовски вели дека националната стратегија си постои, но ништо не е преземено за нејзина реализација.

Затворена јавна чешма за геотермална вода во селото Горни Подлог, Кочани; Фото: Бојан Блажевски
„Сметам дека во наредниот период треба да бидеме повеќе насочени кон инвестирање во искористување на геотермалниот потенцијал во Македонија“, заклучува професорот Мирчовски на крајот од разговорот.
Автори: Бојан Блажевски и Сања Ѓорѓевиќ
Ова истражување е изработено со поддршка на Томсон Медија и Фондациите Отворено Општество – Западен Балкан, во рамки на проектот Greening the Narratives: Advancing Awareness of the Green Transition in the Western Balkans. Содржината е целосна одговорност на авторот и не ги одразува нужно ставовите на организациите кои ја поддржуваат.



