Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, вечерва 5 декември, од 20 часот ќе се случи настап на „Амплидајн ефект трио“ (Amplidyne Effect Trio) и вокалистката и авторка Добрила Грашеска.
„Амплидајн ефект трио“ е концертна формација на музичкиот проект „Амплидајн ефект“ на Мартин Георгиевски, активен од 2009 година и препознатлив по амбиентална, електронска и импровизирана музика. Проектот има издадено повеќе албуми и настапувано на фестивали како „Pohoda Festival“, „Десонанз“, „Live Soundtrack“, „PNEM Sound Art Festival“, и други.
Пред неколку денови го објави своето последно дело за „Шарла“.
Како трио, Георгиевски настапува заедно со Владимир Мартиновски (тамбура, кавал, удиралки) и Соња Димитриоска (флејта), создавајќи звучен пејзаж на амбиентални, и електронски елементи во слободна форма.
„Концертот е целосно од импровизиран карактер, со фокус на моментална интеракција, текстура и звук“, стои во најавата.
Специјална гостинка на концертот е Добрила Грашеска, македонска вокалистка и авторка активна од 2006 година, позната по работата со Чалгија Саунд Систем и Добрила и Дориан Дуо. Има издадено неколку албуми (Чалгија Саунд Систем, ТИХУВАЈ, Апокриф, Пиле шарено), а уште два нови албуми ја чекаат светлината на денот.
„Настапувала на фестивали како ‘Rudolstadt’, ‘Sfinks’, ‘Colour Meeting Festival’, ‘Festival Aux heures d’été’, ‘Etnosoi!’, ‘Sarajevo Jazz’, ‘Offest’, и има соработувано со бројни регионални и меѓународни уметници, како и на филмска, театарска и мултимедијална музика“, се вели во најавата за настанот во „Буква“.



