Откако стигна информација дека со пробниот период на „Безбеден град“ за еден ден е преполовен бројот на прекршоци од 110.000 на 50.000, иницијатива НаТочак вели „што е за право, и се осеќа“.
Оттаму посочуваат дека сите кои учествуваа во сообраќај на било каков начин можеле да осетат дека не се гази толку неконтролирано на гас, не се свири на тие што си почитуваат брзина, дека не се фаќа толку семафор на црвено.
„Тоа покажува и дека само со опомени, системот ‘Безбеден град’ има ефект! А што ќе биде кога ќе почнат казните… Замислете: Скопје можеби нема да биде веќе бојно поле и ќе стане побезбедно и порелаксирано место за живеење. А таа цел вреди! Ни се допаѓало или не, секаде каде што има ред, постигнат е со казнување, неселективно“, соопштуваат оттаму.
НаТочак дава поддршка на храброста и одлучноста да се спроведе мерката која, како што велат, на краток рок носи негативни поени, но на среден и долг рок спасува животи.
„Со оваа мерка горе-долу главните градски булевари ќе станат побезбедни. За целосен ефект на безбедноста паралелно мора да се работи и на физичко смирување (потесни ленти, шикани, подигнати пешачки премини) на сообраќајот на сите други (општински) улици зашто не може и не треба да има камера на секое ќоше, туку просторот да биде креиран за посакуваната брзина“, нагласуваат од НаТочак.
Исто така, иницијативата бара да се работи и на подобрување на условите за движење со останатите превозни средства – јавен превоз, велосипеди, тротинети, пешачење – односно ослободување и заштита на тротоарите, со физичка заштита или со репресивни мерки – комунална полиција, подобри услови за јавен превоз итн.
„Во однос на ‘Безбеден град’ очекуваме МВР да биде отворено за конструктивните сугестии од граѓаните, впрочем затоа е и тест периодот, но во никој случај да не се отстапи од суштината!“, нагласуваат активистите.
Потсетуваат, постојат неколку причини зошто 50 км/ч е речиси универзално максимално дозволено ограничување за населени места во светот и, оттука, не смее да има преголема толеранција на надминувањето.
„Прво, од удар од возило со 50 км/ч преживуваат 15-50% oд пешаците. Второ, од удар од возило со 60 км/ч преживуваат 5-10% од пешаците. Трето, се тежнее дури и кон ограничувања од 30 км/ч зашто при удар од возило со 30 км/ч преживуваат 90% од пешаците Разликата не е линиска, туку експоненцијална! Ако има толеранција од 5 или 10 км/ч над 50 км/ч, тоа не е толеранција, тоа е веќе воведување на ново повисоко брзинско ограничување ‘на задна врата’, кое повторно поединци ќе имаат проблем да го одржат и кое има значаен ефект врз (не)безбедноста!“, велат од НаТочак.
НаТочак се согласни дека најголем проблем се тие кои возат над 100 км/ч, бидејќи тие предизвикуваат 100% смртност. Но, посочуваат, голем проблем се и тие кои возат над 50 км/ч, според горните статистики. Тие, како што велат, предизвикуваат 90% смртност.
„Возете под 50 км/ч и нема да добивате казни“, нагласуваат активистите.



