Македонското еколошко друштво ќе стипендира студенти на природните науки од преспанскиот крај

Македонското еколошко друштво ќе стипендира студенти на природните науки од преспанскиот крај. Целта, како што велат од организацијата е да се недмине недостигот од кадар потребен за заштита на природата и животната средина, пренесува агенцијата Мета.мк.

„Програмата ја претставивме пред ресенските средношколци од трета и четврта година во СОУ „Цар Самоил“ – Ресен која предвидува стипендирање на универзитетски студии по еколошки, биолошки, шумарски и земјоделски науки. Програмата е наменета за средношколците од Преспа и има за цел да го надмине локалниот недостиг од кадар во природните науки поврзани со заштитата на природата и животната средина“, посочуваат од МЕД.

Идните студенти ќе можат да стекнат знаење и вештини што ќе им овозможат активно да придонесат кон зајакнување на локалните капацитети за заштита на природата во Преспанскиот регион. Покрај финансиската поддршка што ќе ја добијат, Македонското еколошко друштво исто така ќе ги вклучи во својата менторска програма преку која ќе стекнат практично и теренско искуство во истражувањето и заштитата на видовите и живеалиштата во Преспа.

„Повеќе информации за програмата за стипендирање, начинот на учество и критериумите за селекција, заинтересираните средношколци и нивните родители можат да добијат во локалната канцеларија на Македонското еколошко друштво во Ресен“, информираат од МЕД.