Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вели дека не дозволува намалување на студентскиот стандард и нивната борба е за унапредување на студентските права, а програмата на новото раководство е насочена кон оваа цел.
Загрижени поради информацијата која се споделува од медиумите во изминатите неколку денови, дека буџетот за студентски стандард за следната година се намалува за 7 милиони евра, УСС УКИМ иницирало состанок со претставници на Министерството за образование и наука (МОН).
„На состанокот бевме известени дека предлог буџетот е проектиран врз основа на реалните потреби на студентите и воопшто нема да се попречи остварувањето на правата кои им се на располагање преку МОН како добивање стипендии, субвенциониран студентски оброк, партиципација за сместување во студентски домови и слично. Дел од средствата се преструктуирани и наменети за капитални инвестиции кои исто така ќе значат унапредување на студентскиот стандард – завршување на реконструкциите на студентските домови ‘Кузман Јосифовски – Питу’ и ‘Стив Наумов’, отпочнување на реконструкција и на другите студентски домови, продолжување на изградбата на новите објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ)“, соопштуваат оттаму.
Воедно, ги известуваат студентите и воопшто целата јавност, дека УСС УКИМ продолжува да се грижи за студентските интереси и внимателно ќе ја следи реализацијата на буџетот следната година.
„Веруваме дека институциите ќе бидат доследни на ветувањата и ќе продолжиме партнерски да го развиваме високото образование и студентскиот стандард“, се вели во соопштението на УСС УКИМ.



