Проекција на филмoт „Борби со ветерници“ и дискусија во „Котур“

Во кафе-киното „Котур“ во понеделник, 24 ноември, од 20 часот ќе биде проектиран документарниот филм „Борби со ветерници“ на режисерот Борјан Гаговски.

Филмот претставува една година во животот на уметничкиот колектив „Ветерница“, кој работи со деца и лица со типичен и атипичен развој на театарски претстави, уметнички инсталации и музички и танцови перформанси.

„Преку нивните проби и настапи, камерата внимателно ги следи предизвиците со кои тие се соочуваат, но и нивниот креативен и емпатичен педагошки пристап, создавајќи визија за свет во кој од најрана возраст нè учат да создаваме, да си веруваме и да се грижиме едни за други“, велат од „Коалиција Маргини“.

По проекцијата ќе следи разговор модериран од Ангел Димитриевски, со учество на режисерот Борјан Гаговски и Билјана Димитрова од колективот „Ветерница“.

Камерата на филмот е на Борјан Гаговски и Јована Гаврилоска. Музиката исто така на Гаровски, кој се потпишува и на монтажата заедно со Никола Поповски. Продукција – „МакеДокс“.

Инаку, Радио МОФ повеќе пати досега има пишувано за колективот „Ветерница“ и „Партизанска штампа“, кои функционираат како еден хибрид на автономен културен центар и работилница, воедно место за уметност, другарство, солидарност и инклузивност.

„Нашата цел е етаблирање, препознавање на маргиналната уметност. Препознавање на децата како активни творци, односно не само учење напамет изведбени уметности, па аплауз ‘леле колку е слатко, колку беше супер’. Туку како активни учесници во културна продукција, кои се свесни, кои можат да кажат што им смета, да создадат ново творештво перцепирано како релеватно, а со тоа воопшто да биде унапредено и општеството. Пробуваме да создадеме нови трендови во уметноста, а после нејзино систематизирање, прифаќање во системот, внетнување на тие неформално образовни активности. Особено во инклузивното образование, затоа што се покажува дека уметноста е таа која може да направи позитивни промени“, кажа Билјана Димитрова во едно интервју.

„Наместо општеството што вели ова не можеш, ова не треба – ние велиме ова можеш, ова треба“, посочи таа.

[Мегафон] Билјана Димитрова: Уметноста може да направи позитивни промени, особено во инклузивното образование

Бојан Шашевски