Во рамките на Деновите на медиумска писменост во просториите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) се одржа настан посветен на зајакнување на отпорноста на медиумската заедница кон правните притисоци врз новинарите, со фокус на стратешките тужби против учество на јавноста (SLAPP).
Централен дел од настанот беше презентацијата на Компаративната анализа за справувањето со SLAPP во земјите од ЕУ и регионот на Западен Балкан во споредба со Македонија, изработена од Жарко Алексов и Жарко Хаџи-Зафиров.
Анализата укажува на сериозни празнини во националната регулатива и судската практика – од отсуство на јасни процесни механизми за рано отфрлање на злоупотребни тужби, до недоволна заштита на новинарите од финансиски и психолошки притисок. Авторите препорачаа сет законски и институционални мерки кои би овозможиле побрза реакција на судовите и подобра превенција на SLAPP случаите.
Настанот „Градење на отпорност: Т-ајм Академија за новинари – како да се справиме со SLAPP тужбите“ го отвори претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, кој порача дека борбата против SLAPP е клучен дел од напорите за унапредување на безбедноста и независноста на новинарите. Во воведниот дел, претставничката на Министерството за правда Леона Кичеец се осврна на важноста на темата SLAPP и ја нагласи подготвеноста на Министерството за дијалог со медиумската заедница и стручната јавност околу идните реформи.
За состојбите и трендовите поврзани со SLAPP тужбите зборуваше и Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, кој истакна дека бројот на случаи со елементи на SLAPP е во пораст, а притисоците често доаѓаат од моќни политички и економски центри. Тој нагласи дека компаративната анализа треба да биде практична мапа за реформи – од усогласување со европските стандарди и новата Директива за SLAPP, до измена на националните закони, унапредување на судската пракса и воспоставување механизми за правна и психолошка поддршка на новинарите. Секуловски потенцираше дека без системски пристап и координација меѓу институциите, медиумските организации и меѓународните партнери, SLAPP ќе продолжи да ја поткопува слободата на изразување.
Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Рикардо Гутиерес, зборуваше за европските трендови и мерките што ги преземаат институциите на ЕУ, нагласувајќи дека солидарноста и координираниот пристап на новинарските организации се клучни. Тој посочи дека активностите на Тренинг Академијата за новинари при ЗНМ значајно придонесуваат за јакнење на капацитетите на новинарите и медиумските работници за справување со SLAPP.
Заклучокот од настанот беше дека намалувањето и спречувањето на SLAPP тужбите бара постојана меѓуинституционална соработка, суштински законски подобрувања и практични механизми за поддршка на новинарите кои се предмет на правни притисоци. Медиумската заедница, заедно со граѓанските и државните институции, мора да работи на градење поотпорно општество во кое критичката мисла е заштитена, а медиумите можат слободно да ја вршат својата демократска улога.
Од ЗНМ, како што велат, остануваат посветени на поддршката на новинарите и на промовирањето политики кои ја гарантираат слободата на изразување и безбедна медиумска средина за сите медиумски работници.
Оваа публикација е изработена во рамките на проектот ,,Тренинг – Академија на новинари и медиумски работници, Т-AJM” финансиран од Европската Унија (ЕУ) и имплементиран од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во партнерство со Иницијативата за европска перспектива (ИЕП) и Европската федерација на новинари (ЕФН).



