ЗНМ поднесе пријава до МВР за малициозен онлајн напад на профилите на „Слободен печат“

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) посочува дека внимателно ги следи информациите за случувањата поврзани со инстаграм профилите на „Слободен печат“ и објавата од 6 ноември 2025 година.

Според информациите од редакцијата на „Слободен печат“, под објавата од 6 ноември на нивниот Инстаграм профил, за краток временски период се појавиле голем број нетипични коментари, вклучувајќи и коментари од сомнителни профили кои не се автентични следачи на овој медиум на оваа социјална мрежа. Истовремено, редакцијата посочува дека во тој период е забележан и значителен пад на видливоста на објавата во однос на нивните вообичаени резултати, со што нивните содржини биле ограничени до помала публика.

„ЗНМ принципиелно смета дека секој обид за координирано користење на лажни или неавтентични профили со цел да се наруши угледот на медиумите, да се загуши јавната дебата или да се влијае врз алгоритамската видливост на новинарски содржини е неприфатлив. Ваквите појави, независно од нивниот обем, придонесуваат за токсична онлајн средина и го отежнуваат работењето на редакциите а публиката може да се доведе до заблуда“, забележува Здружението,

Во интерес на точна фактографија и јасна постапка, велат оттаму, до единиците за сајбер криминал и дигитална форензика при МВР од адвокатите на ЗНМ била доставена официјална пријава за овој случај. Во истата, меѓу другото се бара да се утврди потеклото и природата на активностите и, доколку има основа, да се побара соработка со компанијата „Мета“ за увид во релевантните технички податоци.

„Во исто време, потсетуваме дека платформите како ‘Мета’ (Фејсбук/Инстаграм) имаат одговорност да обезбедат транспарентни и доследни правила, особено кога станува збор за чувствителни теми од јавен интерес и за медиуми кои професионално информираат за нив“, нагласуваат од ЗНМ.

Притоа, Здружението ги охрабува сите редакции кои се соочуваат со слични појави најпрво, веднаш да ги зачуваат релевантните дигитални докази како што се: линкови, скриншотови, „scrollshots“ со јасно видлив датум и час, „скрин-рекординзи“, како и „Instagram Insights (reach/impressions/engagement)“ – и да ја контактираат канцеларијата на ЗНМ за координација, со цел институциите да можат навреме и ефикасно да постапат.

Паралелно, посочуваат, ЗНМ ќе продолжи да ја зајакнува практичната поддршка за новинарите и редакциите во вакви и слични ситуации, преку појасни насоки, алатки и механизми за постапување при дигитални напади.

„Овој случај уште еднаш покажува дека координираните, често автоматизирани активности и злоупотребата на алгоритми може тивко да ја нарушат видливоста на содржини од јавен интерес. Затоа е клучно редакциите навремено да ги препознаат ваквите појави, систематски да ги зачуваат дигиталните траги и без одлагање да побараат стручна и институционална поддршка“, стои во соопштението на ЗНМ.