[Видео] Акција во Скопје за солидарност со Кочани – најава за Маршот на ангелите на 15 ноември

Фигурите на жени на споменикот на Олимпија во центарот на Скопје денеска беа обвиени со црни марами и пораки во знак на солидарност и барање правда за Кочани.

Акцијата ја организираше движењето „Кој е следен?“, кое објави и видео на кое се прикажани спомениците и закачени пораки „Нема вода што ќе ви ја измие вината“ и „Кога мајките се завиени во црно, совеста нема избор“.

Видеото од герила акцијата претставува повик за Маршот на ангелите кој е закажан за во сабота, 15 ноември во 12:05 часот на скопскиот Плоштад „Македонија“.

Маршот од плоштадот ќе продолжи покрај Собранието до Основниот кривичен суд, каде што на 19 ноември треба да почне судскиот процес за пожарот во Кочани.

„Ние веруваме дека Македонија има совест. Дека знаеме да се сплотиме кога најмногу боли. И дека сме подготвени, заедно, да се исправиме против најголемото зло – корупцијата што им го одзеде животот на нашите деца. Болката е наша, но борбата е на сите нас“, порачуваат од „Кој е следен“.

Во најавата за маршот, се споделени и стиховите на поетот Ванчо Николески од стихозбирката „Песни“ инспирирани од страдањата на мајките.

Претходно, деновиве имаше видео каде и дел од семејствата на жртвите од Кочани повикаа за маршот на 15 ноември, посочувајќи дека „не бараме сожалување, бараме да дојдете да чекорите со нас“.

Инаку, во трагичниот случај при пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани животот го загубија 63 луѓе, а над 200 беа повредени. Обвинителниот акт за случајот опфаќа 34 лица и три правни субјекти, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во фирмите поврзани со ноќниот клуб.