Зелен хуман град: Пратениците едногласно изгласаа легално труење на народот

Иницијативата Зелен хуман град (ЗХГ) вели дека во македонското Собрание, во екот на предизборието, овој септември се случило нешто што мора да остане запаметено – од 98 присутни пратеници, ниту еден не гласал против Законот за контрола на индустриски емисии.

„Овa е првпат во закон што уредува деликатна област која директно го засега нашето здравје и животната средина да се воведе институт ‘деловна тајна’. Со еден потег, сите пратеници – и тие што гласаа и тие што преќутеа – им овозможија на загадувачите да кријат информации за процесите што ги спроведуваат, за материјалите и суровините што ги користат и за последиците што ги предизвикуваат врз нашите животи“, реагираат од ЗХГ.

Извор: ЗХГ

Оттаму велат дека, за да се додаде сол на рана, текстот на законот го поздравиле и го поддржале „Усје“ и „Макстил“.

„Тоа само по себе кажува за кого е пишуван и во чии интереси е донесен“, велат од ЗХГ.

Иницијативата посочува дека „деловна тајна“ досега постоела само во Законот за тутун и производи од тутун, каде што листата на емисиите од секоја марка цигари се сметаат за тајна.

„Истото тутунско лоби со години се бореше да ја сокрие вистината дека цигарите предизвикуваат рак. Илјадници прерано згаснати животи подоцна, вистината стана јавна. Денес, нашите пратеници го прават истото, го легализираат загадувањето криејќи се зад ‘европски стандарди’“, стои во реакцијата.

Во земја со највисока стапка на заболување и на смртност од рак на бели дробови во регионот, тврдат активистите, наместо транспарентност, добиваме мрак. Односно, наместо заштита на здравјето – заштита на индустриските интереси.

„Зелен хуман град продолжува да се бори против оваа мафијашка логика. Нашето право да дишеме чист воздух може да ни го одземат само ако се предадеме“, стои во реакцијата.