12 часа техно на „Таксират“: Македонски диџеи со Свен Ват на главна бина

Фестивалот „Таксират“ го најавува вториот ден од главната програма на овогодинешното издание, како техно епизода која ќе донесе нешто ново во фестивалското искуство – прва 12-часовна техно журка што ќе трае од 13 до 1 часот по полноќ.

„На 7 декември во арената ‘Борис Трајковски“, ќе настапи еден од хедлајнерите на годинашниот ‘Таксират’, Свен Ват – живата легенда што ги постави техно темелите на глобалната сцена, музички пионер, визионер и култен уметник кој сѐ уште го диктира пулсот на водечките светски подиуми“, соопштуваат од „Пасворд“

Во истиот ден кога на главната бина ќе настапи Свен Ват, македонската техно сцена ќе биде претставена со одбрана листа на домашни изведувачи кои ќе се погрижат за непрекинат бран на електронски звук: Mongo b2b Omaru, Wish.ko, Maci, Christian HSS, Petko.ov, Avramoski, Dodevski, Lesya b2b Diah и Pass-N-G-R.

„Со оваа програма, ‘Таксират’ воведува нов формат кој ја поврзува дневната и ноќната фестивалска атмосфера, овозможувајќи континуирано доживување од 12 часа. Новиот концепт претставува чекор напред во развојот на домашната електронска сцена и создавањето простор каде што локалните диџеи настапуваат рамо до рамо со највлијателните артисти во светската историја на електронската музика и клабинг културата“, стои во соопштението на „Пасворд“, од каде додаваат дека на овој начин ја прославуваат локалната електронска сцена и ѝ даваат заслужено место на главната фестивалска бина.

„Таксират отсекогаш бил простор за поврзување и откривање нови концепти, а оваа година Фестивалот тоа го прави токму со вториот ден од главната програма кој е посветен исклучиво на електронската музика“, дополнуваат организаторите.

Ова е воедно и заокружување на главната програма која ќе започне ден претходно со настапите на Onyx, Lacuna Coil, Ezhel, Дубиоза Колектив, ЛД Пистолеро и многу други. Покрај главната програма која ќе се одржува на 6 и 7 декември во Арена „Борис Трајковски“, во рамките на „Taксират 2025“ веќе се најавени и концертот во чест на Влада Дивљан на кој на 17 ноември во Филхармонија ќе настапи неговата група „Невладина Организација“ заедно со Кирил Џајковски и Констракта како специјални гости, потоа, музичката конференција „ПИН“ која со бесплатен влез за посетителите ќе се одржува од 27 до 29 ноември во МКЦ, каде што пак, на 15 декември ќе се одржи и првиот самостоен концерт на „Буч Кесиди“.

Влезниците и деталите за ТАКСИРАТ се достапни на официјалната веб-страница taksirat.mk .

„Со два дена за 25 изведувачи во главната програма, но и повеќе од 70 концерти во дополнителната програма, ‘Таксират’ уште еднаш го потврдува својот статус како еден од водечките музички фестивали во регионот кој не само што носи светски имиња, туку го гради и поддржува домашниот музички и фестивалски идентитет“, соопштува организацискиот тим.

„Таксират“, „Д Фестивал“ и „ПИН“ номинирани за најдобри европски фестивали

Од „Пасворд“ посочуваат дека влијателноста на „Таксират“ оваа година повторно доби и меѓународно признание со номинацијата за престижните Европски фестивалски награди.

„Во трката за фестивалските оскари, ‘Таксират’ заедно со ‘Д Фестивал’ и ‘ПИН’ конференцијата се номинирани во категоријата Најдобар Мал Фестивал, односно фестивали со капацитет за максимум 10.000 посетители дневно, одредено според европските стандарди за организирање на музички фестивали.

За победниците во ова фестивалско натпреварување одлучува публиката со јавно гласање кое е отворено и за публиката од Македонија, а гласањето трае најдоцна до 20 ноември на овој линк: https://www.europeanfestivalawards.org/public-voting/ .

Годинашните победници ќе бидат прогласени на 14 јануари 2026 година во Гронинген, Холандија.