Македонија се наоѓа помеѓу одредено и умерено ниво на подготвеност и не постигна напредок во спречувањето и борбата против корупцијата. Корупцијата останува распространета во многу области и претставува сериозна причина за загриженост. Трагедијата што се случи на 16 март годинава во Кочани, кога пожар зафати клуб и притоа загинаа 62 лица, а над 190 беа повредени, откри системски предизвици во спроведувањето на мерките за борба против корупцијата, наведено е во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, во делот кој се однесува на корупцијата во земјава, пренесува агенцијата Мета.мк.
ДКСК проактивно да дава насоки
„Потребно е да се подобрат превентивните мерки и ефикасното санкционирање на корупцијата. Обвинението против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), што доведе до нејзина оставка, ја доведе во прашање довербата во институцијата. ДКСК треба проактивно да дава насоки за политики за спречување на корупцијата, да открива и пријавува случаи на сомнеж за корупција и да ја зголеми ефикасноста во проверката на имотните состојби и надзорот врз финансирањето на изборните кампањи“, наведено е во извештајот.
Како што пишува во него, Јавното обвинителство, истражните центри и полициските единици треба да вработат специјализиран кадар и да добијат финансиска поддршка.
„Случаите на корупција на високо ниво често се одолговлекуваат, се застаруваат или резултираат со минимални казни, што го зајакнува скептицизмот на јавноста во поглед на ефикасноста на борбата против корупцијата. Потребни се насочени процени на ризик и конкретни мерки за справување со корупцијата во најранливите сектори. Препораките на Комисијата од минатата година не беа адресирани и затоа остануваат важечки“, се додава во извештајот.
Да се конфискува криминалниот имот
Во препораките од страна на ЕК за следната година, е наведено дека властите треба да усвојат нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди и да го подобрат резултатот во случаите на корупција на високо ниво преку навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, обвиненија, конечни пресуди и одземање/конфискација на криминален имот, конфискација според вредност, проширена конфискација и конфискација од трети лица.
„Земјата треба да го подобри спроведувањето на националната стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси, да ги адресира препораките на Групата на држави против корупцијата на Советот на Европа (ГРЕКО) и да ја изработи новата стратегија за борба против корупцијата за периодот 2026–2030. Да обезбеди доволно човечки и финансиски ресурси, вклучително и финансиски експерти, за Јавното обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за да се осигура ефективна одговорност во случаите на корупција на високо ниво. Државната комисија за спречување на корупцијата, да ја подобри проверката на имотните декларации и надзорот врз финансирањето на изборните кампањи“, стои во извештајот.
Судскиот систем без напредок
Судскиот систем на Северна Македонија се наоѓа помеѓу одредено и умерено ниво на подготвеност и не постигна напредок, пишува во извештајот.
„Државата започна со имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот систем (2024-2028) и продолжи со спроведувањето на препораките од мисијата за меѓусебна евалуација од 2023 година во врска со Судскиот совет. Севкупната независност и финансиска автономија на судството се нарушени од мешање и притисоци од другите државни власти, вклучително и обиди на Собранието да изврши притисок врз членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, како и поради ограничените финансиски ресурси што се одвојуваат за судството. Недостигот на кадар во правосудните институции е причина за загриженост, бидејќи влијае на квалитетот и ефикасноста на правосудниот систем“, се додава во извештајот.



