Скопје е град меѓу два времиња – она што беше и она што сака да биде. Град што преживеа многу катастрофи – пожари, поплави, земјотрес… но не и сопствените погрешни визии.

Слика 1 – урбанистичките планови за Скопје низ 20-иот век
Пред нас е нов политички циклус, нови избори, нови ветувања. Денес не треба да зборуваме само за обнова на улици и фасади, туку за обнова на духот на градот.
Но прашањето е едноставно – дали ќе се продолжи да се гради без урбан дух и визија, или конечно ќе почнеме да создадеме одржливо Скопје – град што дише, мисли и се грижи за луѓето?
Нашиот град има уникатна архитектонска меморија. По земјотресот, Скопје стана симбол на модернизмот – со визијата на Кензо Танге и со објекти што зборуваа за иднината. Тоа беше време кога архитектурата значеше заедништво и солидарност.

Слика 2 – Урбанистичкиот план на Кензо Танге со неговите најзначајни објекти
Но таа визија се изгуби низ годините. Квази-проектот „Скопје 2014“ го покри вистинското лице на градот со гипс и стиропор, наместо да го обнови. Со тоа, Скопје доживеа да биде архитектонски возобличен и урбанистички недефиниран простор.

Слика 3 – изградба на проектот „Скопје 2014“ и медиумското доживување на истиот
Денес, вистинскиот предизвик не е да градиме повеќе, туку да обновуваме со почит кон градот и жителите, само ако се постапува според неколку насоки:
1.Еколошка одржливост – град во рамнотежа со природата
Првата насока е еколошката одржливост. Скопје мора повторно да се поврзе со својата природа, со реката, со зеленилото. Неколку конкретни чекори:
-Уредување на кејот на Вардар во зелена, активна и културна оска – потребен е сеопфатен проект за кејот, со кој ќе се овозможи негово целосно чистење и уредување по целата должина. Во одредени делови треба да се вметнат нови програмски содржини за спорт, рекреација, релаксација и социјализација, со што кејот ќе прерасне во функционален зелен коридор.
-Зголемување на зеленилото и проектирање на нови паркови – најавените „МЕГА паркови“ се позитивен чекор, но повеќето се лоцирани на периферијата на градот.

Слика 4 – 3Д визуелизации на дел од предвидените МЕГА паркови во Скопје
-Проектирање на зелени кровови и фасади – позитивен е трендот што низ Скопје започнаа да се изведуваат зелени кровови на јавните објекти како оној на ГТЦ, и зелениот кров на Н.У. Домот на градежници и галерија КО-РА.

Слика 5 – зелени кровови на јавни институции во Скопје (ГТЦ и Дом на Градежници)
-За да се постигне вистинско зазеленување на градот, потребно е паралелно да се применува пристапот на урбана акупунктура, кој овозможува подобра поврзаност на архитектурата со природата токму таму каде што човековата активност е најголема – меѓу зградите, во густо изградените делови на Скопје. Треба да се мапираат и идентификуваат сите таканаречени „урбани џебови“ – запуштени или недоволно искористени површини што имаат потенцијал да прераснат во урбани градини, маалски паркчиња и уредени зелени простори. Ваквите мали, но длабоко значајни интервенции би оформиле т.н. зелена мрежа во ткивото на градот.

Слика 6 – урбана акупунктура, фаза на мапирање на постоечки јавни простори за идна ревитализација
Еколошката одржливост значи Скопје што дише – град што повторно станува пријател на својата природа и на своите граѓани.
2.Социјална одржливост – град за луѓето
Втората насока е социо-економската одржливост. Градот не е одржлив ако луѓето не се дел од неговото создавање.
За ова најзначаен е урбанистичкиот концепт на placemaking – создавање места. Тоа е процес во кој граѓаните, заеднички ја создаваат смислата на јавниот простор. Преку активности, културни настани и дијалог – јавниот простор станува жив организам. За таа цел, потребно е создавање нова пешачка инфраструктура – патеки, пристапи и поврзувања што ќе ги отворат јавните простори кон сите граѓани, без исклучок, без бариери. Овој концепт ги претвора јавните простори во градот во места на припадност и заедништво, не само како простор за минување. Преку тоа, градот станува социјално ткиво што ја гради културата на заедништво.

Слика 7 – светски примери за примена на концептот Создавање места
3.Културна одржливост – град на културата
Третата насока е културната одржливост. Да се заштити архитектонското наследство значи да се зачува архитектонскиот идентитет на Скопје, но културната одржливост значи и да се создава нова култура на просторот – град во кој старото и новото коегзистираат.

Слика 8 – фото-колаж од разни културни манифестации низ Скопје – „Бела Нок“, „Skopje Light Art District“ и сл.
Со оглед дека Скопје во 2028 ќе биде Европска престолнина на културата, ова е историска можност. Новите градоначалници треба да го препознаат значењето на културата како двигател на урбаниот развој. Да го покажеме Скопје како град што ги спојува наследството, технологијата и креативноста. Културата не треба да претставува фестивал што трае еден ден, туку цело едно движење што ја буди свеста – и го прави градот подобро место за живеење.
Одржливото Скопје не е визија само за урбанистите, архитектите и идеалистите – тоа треба да е визија за сите нас. Меѓу наследството и иднината стои нашата визија – град што создава вредности, не фасади; град што расте со идеите, не со квадратурите.
Скопје може повторно да стане симбол на обновата и солидарноста – ако конечно научиме дека вистинскиот развој започнува од просторот во кој луѓето се чувствуваат среќно и пријатно.
Д-р Дамјан Балкоски, организација „УРБ – АРХ“ – Скопје
*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ



