Две лица од раководството на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје денеска се приведени, откако Основното јавно обвинителство минатата недела започна постапка и дејствија за горливиот проблем со отпадот во главниот град.
Еден од приведените е директорот на „Комунална“, Сабахудин Рустеми.
Според информациите од Обвинителството, дадена е наредба полициските службеници да преземаат дејствија за обезбедување докази.
„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, информираат од ОЈО.
Член 230 гласи:
„(1) Тој што спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата складира, остава или расфрла отпадни материи или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за жнвот на лугетоили животните или растенијата и да го загрози нивниот опстанок, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(2) Со казна од став 1 ќе се казни тој што складира, остава или расфрла отпадни материи или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата, водотекот и со тоа ќе предизвика уништување или значително оштетување на шуми, растенија или други насади.
(З) Тој што складира, расфрла или остава опасен отпад што содржи супстанции кои имаат својство на експлозивност, реактивност, запаливост, надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, тератогеност, екотоксичност или својство на испуштање отровни гасови преку хемиска реакција и биолошко разложување, ќе се казни со затвор од четири до десет години.
(4) Тој што делото од ставовите 1, 2 и 3 ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или затвор до една година.
(5) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна“.
Во изминатиов период, особено во текот на изборната кампања и месеците што претходеа, граѓаните на Скопје буквално сведочеа како настануваат цели депонии околу контејнерите. Депониите растеа, скопјани учеа да живеат меѓу дини со ѓубре, а политичарите се караа. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска си ја префрлаат вината за тоа кој ги блокирал одлуките за „Комунална хигиена“ и воопшто кој е виновен за кризата со ѓубрето низ цело Скопје.
Меѓувремено, пред неколку денови преку ЗЕЛС се собраа градоначалници од повеќе скопски општини. Целта беше да дадат меѓусебна поддршка во механизација, човечки ресурси и да се ангажираат да ги чистат контејнерите, како би ја амортизирале алармантната состојба со натрупаното ѓубре.
„Ова не е наша надлежност, тоа е надлежност на Град Скопје и на комуналното претпријатие кое во континуитет не ги спроведува своите обврски, иако нашите граѓани редовно ги плаќаат сметките, а за тоа не ја добиваат потребната услуга. Се договориме доколку се јави потреба, ќе побараме помош и од останатите општини во скопскиот регионот да помогнат со механизација, како и од општествено одговорните компании кои и досега се вклучуваа во поголем број акции што ги преземавме во минатиот период и во изминатите неколку дена. Се надеваме и апелираме ‘Дрисла’ да не прави опструкции и да ги пропушта возилата со кои ќе се транспортира отпадот“, рече по состанокот претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Од Центар донесoa и 10 мерки за справување со кризата. Меѓу другото, рекоа дека ќе бидат поставени помали контејнери за секојдневен отпад во густо населените делови и поголеми контејнери за кабаст отпад, ЈП „ПОЦ“ ќе организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад, а општината веќе врши и вонредна дератизација. Односно, во сите 1.980 шахти се фрла серитифициран препарат.
Ден потоа се јавија од скопското претпријатие „Комунална хигиена“, тврдејќи дека собрале вкупно 350 тони комунален отпад, но, истовремено, не забележале дека е подигнато ѓубре од општинските комунални претпријатија во ниту една скопска општина, ниту добиле одговор каде градоначалниците го одлагаат отпадот.
„Се прашуваме дали навистина и на кои локации се одвиваат овие активности?“, стоеше во соопштението на „Комунална хигиена“.
Во целава оваа кризна состојба со депонии околу улиците се јавија и од Институтот за јавно здравје. Упатија апели, особено во делот на лична хигиена, како на пример користење ракавици, маска, миење раце, но и користење дезинфициенс за раце после фрлање ѓубре. Побараа да се избегнува физички незаштитен контакт со отпадот, но и стагнирана (застоена) вода и исцедок од отпадот.
Воедно, Институтот објави и мерки за надлежните, меѓу кои и да се активираат сите расположиви технички, човечки и финансиски ресурси, со цел итно да се отстрани одложениот и расфрлан отпад во и надвор од контејнерите. Исто така, итна мобилизација и отстранување на најголемите купишта во населени места со најголема изложеност, по приоритет: болници, домови за стари лица, основни и средни училишта, паркови и игралишта.
Како долгорочни мерки, Институот бара интегриран систем за комуналниот отпад. Бара и постојана едукација на населението за примарна селекција на отпадот, образовни програми и вклучување на локалните заедници, како на пример механизми за наградување за селекција/откуп, но и контролни и регулаторни политики – казнување за несовесно одлагање отпад и чести инспекции.
Бојан Шашевски


