Четирите млади дечки од составот „Големата вода“, кој е под закрила на независниот издавач „Мртов коњ“, го објавија видео спотот за песната „Има или нема“.
„Конечно, ‘Има или нема’ е излезена (надвор од фолдерот со сите други песни и миксови) и е спремна со спот кој го снимавме за време на фестивалот ‘Сепак се врти’. Албумот се ближи и движи, чекор по чекор“, соопштија од бендот.
Тие посочуваат дека за сè повразно со спотов е должен легендарниот Матеја „Васо“ Васојевиќ. Спотот е снимен во Прилеп, поточно НУКЦ „Марко Цепенков“.
„Песната е снимена во подрумот на Мартин Џорлев со Раде Биковски, и кај Штраф (т.е. ‘Алшар студио’). Ви благодариме што нè поддржувате и што дојдовте на таа епска вечер“, велат од бендот.
„Големата вода“ се дел од новиот бран млади музичари што донесоа свежина на културната сцена во Македонија.
На стартот од 2025 година Радио МОФ направи интервју и видео со нив, каде четворицата зборуваа за нивниот авторски белег, но и дека се’ се постигнува со многу работа.
Во разговор ни открија дека дел од стегнатоста на бендот доаѓа и од блиските односи меѓу нив – Јован (гитара, вокал) е постариот брат на Никола (тапани), а Лука (гитара, вокал) им е братучед. Јован прв почнал да свири гитара на 12 години, а по него почнале Лука и Никола. Лука и Симон (бас гитара, вокал) се знаат од средно школо, а заедно оделе и во „Рома рок скул“.
View this post on Instagram
И иако некои од нив имале претходно искуство со авторска музика, вистински се пронашле уметнички и креативно кога ланскиов септември се собрале на својата прва проба како „Големата вода“, име што дошло од романот на Живчо Чинго.
„Во музика, сакам брзо и сакам смирено. Имам една слика или метафора во глава – како да е гужва надвор, а човек само стои. Хаосот се случува околу тебе, но не го чувствуваш хаосот, туку си во сопствен зен“, посочи Јован.
„Големата вода“ оваа година беа прилично активни. Освен на „Сепак се врти“, младиот состав свиреше и на фестивалот „Расплет“ во Кочани, во „Буква“ и „Маракана“ во Скопје, на „Маалски фестивал“ во „Центар-Јадро“, на „Imagine Macedonia“ на првиот ден од „Здраво млади“…
Наредна е нивната свирка на 7 декември во склоп на „Андерфест“ во МКЦ.
Бојан Шашевски



