Иницијативата Зелен Хуман Град (ЗХГ) упати јавна реакција на Законот за контрола на индустриски емисии, кој, како што велат, е донесен во време на изборна кампања кога вниманието на медиумите, а и на голем дел од јавноста, целосно е насочено кон кампањата.
„Никаде во законот не е предвидено јавно 24/7 да се достапни податоци од мониторинг на загадувањето од индустријата! Индустријата ќе има право да скрие информации кои се однесуваат на дизајнот односно на дејноста или активностите на зградата или инсталацијата, составот или употребата на одредени суровини, хемикалии или други материјали или производи ако тие бидат класифицирани како деловна тајна. Тоа би значело дека обичниот граѓанин ќе нема право да знае дали УСЈЕ, на пример, гори отпад, гуми или некој друг токсичен елемент“, стои во реакцијата.
Од ЗНХ посочуваат дека мерките што се преземаат за да го намалат уништувањето на животната средина што би се констатирало при затварање на инсталацијата може да се скриени како информација (член 24, став 8).
„Со закон си овозможуваат најмногу 6 месеци (наводно) да загадуваат над дозволеното со интегрираната дозвола, а имаат дозвола и за максимум 500 часови во година што е уште полабаво зашто се ‘докажува’ со мониторинг што индустријата си го спроведува на сама себе, значи никој не ги контролира! Јавноста не смее да предлага најдобри достапни техники! Од извештајот од спроведената „јавна“ расправа која ја одржало Министерството за животна средина најавена само 2 дена пред да се одржи може да се види дека и Макстил и УСЈЕ го поздравиле и го поддржале законот – од што е јасно каков е тој!“, е наведено во реакцијата.
Според ЗХГ, непрекинато се носат нови закони со кои се дозволува сè поголемо уништување на животната средина и на здравјето на граѓаните.
„Законот е усвоен во време на изборна кампања што е спротивно на Архуската конвенција! Архуската конвенција налага јавноста да има вистинска, ефективна и навремена можност да учествува во донесување на одлуки што се однесуваат на животната средина! Транспарентноста и учеството на јавноста не се бирократска процедура, тие се темел на демократијата и заштитата на животната средина“, стои во реакцијата.



