Во рамките на фестивалот „Здраво Млади“, во Младинскиот културен центар во Скопје, претходниот викенд се одржа националното финале на „Imagine Macedonia 2025“, во организација на Музичка младина на Македонија.
Се работеше за вечер на млади и свежи надоаѓачки бендови, а победници на годинешното издание се „Корка“, граџ-ноиз рок бенд од Кочани, едни од иницијаторите на „Расплет“. „Корка“ ќе ја претставуваат Македонија на меѓународното „Imagine“ финале, што ќе се одржи на 14 декември во Брисел, Белгија.
Тие ќе се натпреваруваат со учесници од Шведска, Норвешка, Холандија, Франција, Белгија, Унгарија и Велика Британија.

„Корка“
„Националното жири, составено од четворица членови, додели и дополнителни награди: ‘The Pot’, гранџ-стонер рок бенд, ја освоија наградата за отворање на официјалната програма на фестивалот ‘Здраво Млади’, што се одржа следниот ден, ‘LSD During War’, слаџ-њу метал состав, добија награда за снимање на сингл, а ‘Tsar Von Time’ ќе настапат на роденденскиот концерт на Музичка младина на Македонија, кој традиционално се одржува во јануари“, соопштуваат организаторите.
- „LSD During War“
- „The Pot“
- „Tsar Von Time“
Ова е првпат „Imagine Macedonia“ да се одржи во жив формат, како дел од фестивалската програма на „Здраво Млади“, со вкупно осум учеснички бендови од различни градови во земјата.
„Imagine Macedonia“ е дел од меѓународната „Imagine Music Experience“ програма на Меѓународна музичка младина (JMI), која се реализира во повеќе земји ширум светот и претставува уникатна платформа за промоција на млади музичари.






