Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје вечерва (вторник, 7 октомври) од 21 часот ќе се одржи „седумката“ од серијата настани именувани „Џез за чудаци“.
Овој пат, импровизирачкиот музички колектив што ќе свири под трите брези во „Буква“ го сочинуваат Ник де Карло – флугелхорна, Дориан Јовановиќ – бас, Филип Букршлиев – гитара, Драган Теодосиев – тапани.
„Музика за тие што пред влез оставаат храна за локалните мачки и тргнуваат во темелна потрага после секое известување за загубено милениче што ќе го забележат залепено на бандера или на поштенско сандаче; се однесуваат како побеснети ракуни секогаш кога ќе чујат милозвучна, логична и школски функционална хармонија и доволно добро ја познаваат етимологијата на терминот џез за да бидат ужаснати од помислата за институционализиран ејакулат; не поседуваат условен рефлекс кој ги тера да се лигават кога ќе го чујат ѕвончето од министерство за култура и највкусно им е кога теглите зимница во подрум ги обвиткуваат со страниците од популарните книги за самопомош; идеалниот психо-физички баланс го постигнуваат преку умешноста за носење на папуча на боса нога и омилена активност за разбибрига им е да го замислуваат Аца Лукас како врвен концертен пијанист; никогаш со светлата не им сигнализираат на возачите во спротивниот правец дека зад кривината чека полициско возило и секогаш, ама баш секогаш, во маркет ја враќаат кошничката на место за да може да ја користи некој друг…“, стои во најавата за свирката.