„Живеј со стил – поддржи различности“ – Крива Паланка домаќин на патувачка изложба на 32 портрети на лица со уникатна мисија

Во Градскиот музеј во Крива Паланка на 7 октомври ќе продолжи патувачката изложба „Живеј со стил – поддржи различности“. Ова е веќе петтата од серијата изложба, која ќе се одвива во уште два градови низ Македонија, во организација на Здружението „Икуалити“, а има за цел преку 32 портрети на лица со попреченост да раскаже моќна приказна и да ја промовира интеграцијата преку славење на човековите вредности.

„Патувачка изложба претставува културна мисија, која ќе ја промени перцепцијата на општеството за лица со попреченост и ќе ги преобрази набљудувачите во иницијатори на позитивни промени, општествена интеграција и уште повисоки човекови вредности“, објаснуваат од „Икуалити“

Од таму посочуваат дека досега иницијативата за поддржување различности беше успешно пренесена во четири градови: Крушево, Гевгелија, Ресен и Велес, а во наредниот период продолжува да патува и во Крива Паланка (Градски Музеј, 7 октомври), Свети Николе (ОУ Народен Музеј, 30 октомври) и Делчево (НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“, 7 ноември).

„Преку оваа патувачка изложба, не само што изложуваме 32 портрети на лица со попреченост, кои сами ја раскажуваат нивната приказна за силата, љубовта и нивната животна мисија, туку и се залагаме за унапредување на пристапноста и рушење на општествените бариери во сите области“, изјави Ружица Стојановска, проектен координатор во Здружение „Икуалити“.

Според Здружението, на патувачката изложба е јакнење на потенцијалот во нашето општество и тежнеење кон уште поголема свесност и инклузивност.

„Оваа иницијатива е проект наменет токму за помалите градови, со цел да излеземе надвор од главниот град и да допреме до многу повеќе општествени групи ширум целата територија“, нагласуваат од таму.

Според Здружението „Икуалити“, како носител на проектот, со ова поставуваат бескомпромисен стандард за афирмација и промоција на рамноправното учество во културниот и општествениот живот во Македонија.

Серијата изложби „Живеј со стил – поддржи различности“ се имплементира со средства доделени во рамки на  годишниот конкурс за финансирање проекти од областа на визуелни уметности, архитектура и дизајн“ од Министерство за култура и туризам.