НаТочак: Повеќе патишта е еднакво на повеќе сообраќај

Кратка лекција за кандидатите за градоначалници. Повеќе патишта е еднакво повеќе сообраќај. Ова е познато како „Предизвикана побарувачка“, соопштуваат од иницијативата НаТочак.

Од таму нагласуваат, студиите покажаа дека проширувањето на капацитетот на патиштата често резултира со пропорционално зголемување на обемот на сообраќајот, негирајќи ги почетните придобивки.

„Капацитетот на центарот или внатрешноста на градските блокови останува ист. Со оваа илустрација е јасно дека решението никогаш не е проширување на улиците кои се влеваат во центарот!“, забележуваат вело-активистите, објавувајќи визуелизација и насоки од UN-HABITAT.

Решението, како што посочуваат, секогаш се специјални ленти за јавен превоз кои имаат капацитет за превоз на поголем број луѓе од лентите за автомобили и пешачка и велосипедска инфраструктура како комплементарни на јавниот превоз.

„И тоа не е сè, инвестирањето во јавен превоз дава многу повеќе предности.

Ефикасност: Јавниот превоз движи повеќе луѓе со помалку простор и енергија, намалувајќи го сообраќајот и подобрувајќи го квалитетот на воздухот.

– Влијание врз животната средина: проширувањето на патната инфраструктура го поттикнува користењето автомобили, што доведува до повисоки емисии на стакленички гасови и деградација на животната средина.

– Социјална инклузија: Јавниот превоз ги прави градовите подостапни за сите, промовирајќи социјална еднаквост и инклузивност“, соопштува НаТочак.