Билјана Црвенковска и Румена Бужаровска во книжевниот избор „Штефица Цвек“ за 2025 година

Во „Сопствена соба“ во Подгорица беше објавен регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ за 2025 година. Во седумте дела од овој финален избор влегоа и две книги од Македонија: „Приказни од Sунливото Море“, роман за деца и млади на Билјана С. Црвенковска (издание на „Чудна шума“) и „Тони“, роман на Румена Бужаровска (издание на „ТРИ“).

„’Штефица Цвек’ е некомпетитивен избор кој четврта година по ред ги обединува најзначајните дела од БХСЦ и македонското јазично подрачје, создадени од феминистички, антифашистички, еколошки, антиколонијални и други левичарски перспективи. Досега презентиран во Белград, Загреб и Сараево, овој уникатен избор е препознаен како простор за афирмација на гласови што ги поместуваат границите на литературата и општествениот ангажман“, посочуваат од „Чудна шума“.

Од таму нагласуваат дека четвртото издание на „Шефица Цвек“ уште еднаш собра богат и разновиден корпус од современата книжевна продукција од регионот.

Оваа година за изборот „Шефица Цвек“ беа номинирани повеќе од 100 книжевни наслови објавени во текот на 2024 година на македонски или БХСЦ јазиците. Првото жири, кое го сочинуваа Ивана Голијанин, Филип Кучековиќ, Душица Лазова, Марија Божиќ и Борисав Матиќ, имаше задача да го прегледа и евалуира овој богат корпус и изборот да го сведе на 22 книги.

Потоа, второто жири – кое го сочинуваа Марија Бошковска, Ивана Дражиќ и Матеј Вребац – мораше уште еднаш да ги наостри ножиците и да се зафати со кроење на финалниот избор на „Штефица Цвек“.

„Баравме книги кои ќе ги растресат кроевите и силуетите на регионалната книжевност, кои ќе ги распорат конзервативните шевови на книжевноста. Сакаме да ги оставиме дупките незакрпени како би можел низ нив да помине зрак, светлина, феминистичка, побунета книжевност“, вели второто жири.

„Да се скрои потесниот избор, да се одберат меѓу 22 наслова од поширокиот избор оние книги кои најјасно го втелотворуваат она што е и треба да биде регионалното признание ‘Штефица Цвек’ – квир и феминистички книжевен гест, критички немир и уметничка сила – значеше да не се размислува само за естетската вредност, туку и за политичката и социјалната резонанца на делото. Во овој круг не баравме совршенство, туку оние книги кои најмногу инсистираат на несовршеноста на светот, кои се осудуваат да го вознемират и размрдаат хоризонтот на очекувањата, кои отвораат простор за нови имагинарии и субверзивни читања. Нашиот потесен избор не бараше ‘најдобри’ книги во класичната смисла, туку оние кои успеале да нѐ изненадат, потресат и да ги поместат границите, оние кои докажуваат дека книжевноста не е пуста репрезентација на стварноста, туку простор за нејзина трансформација“, дополнија од жирото.

Во потесниот избор, покрај „Приказни од Sунливото Море“ на Билјана С. Црвенковска и „Тони“ на Румена Бужаровска, влегоа и книгите: „Duž oštrog noža leti ptica“ (Долж остриот нож лета птица) на Тања Ступар Трифуновиќ, „Kako se razbijaju tanjurići“ (Како се кршат чиничињата) на Мак Маслаќ, „Prazne kuće“ (Празни куќи) на Данка Ивановиќ, „Pupčana vrpca“ (Папочна врвка) на Луција Тунковиќ и „Stolica bez naslona“ (Стол без потпорка) на Данијела Репман.