Утре започнува јубилејниот 20. „АКТО“ фестивал за современи уметности со преднастан на Архитектонски факултет

Јубилејното, 20. издание на „АКТО“ фестивалот за современи уметности ќе започне утре (02 октомври) со преднастан во форма на предавање насловено „Еколошки иднини“ на архитектот Даниел Кунерт од Арх плус (ARCH+).

Арх плус е водечко германско списание од областите на архитектурата и урбанизмот, основано во 1967 година во духот на еманципаторско самопросветлување, кое критички ги разгледува општествените аспирации на изградената средина во кварталните изданија, а предавањето ќе се одржи во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет со почеток во 19 часот.

„‘Еколошки иднини’ е заеднички проект на Арх плус и Гете-институт насочен кон еколошките и социјалните предизвици на нашето време. Проектот обединува урбани практичари, уметници, културни чинители, жители, локални заедници, Гете-институти и нивните партнери за да ги истражуваат локалните политики и потреби, развивајќи идеи и практики што придонесуваат за социо-еколошка иднина. Сознанијата од овие соработки се документираат во фонд на алатки кој постојано се дополнува, а служи како архива на знаење и практичен ресурс за примена и на други локации. Даниел Кунерт (ARCH+) ќе го претстави проектот, како и берлинското списание за архитектура и уметност Арх плус, залагајќи се за важноста на практики како што е ‘Градот како сцена’“, велат од „АКТО“

Ова предавање е најава за официјалната тридневна програма на 20. „АКТО фестивал“ што ќе се реализира во киното на Железничката зграда од 3 до 5 октомври.

Во рамките на фестивалот, кој е основан во 2006 година, и е еден од фестивалите во земјава што има најдолг континуитет на одржување, ќе се случуваат повеќе изложби, проекции, разговори и предавања, работилници и музички настани… Целата програма ќе биде концентрирана во новоотворената Лабораторија за просторно перформативни – практики Градот како сцена лоцирана во киното на Железничката зграда во Скопје. Дел од фестивалот ќе бидат многу домашни но и странски гости како Зорица Милисавлевиќ – Милојковиќ (Урбани Оази, Белград), Борис Бакал (Фрлачи на сенки, Загреб), Давид Нил Морси и Кристин Лаз (Floating University, Берлин), ОПА (ЗаУМ архива), Славчо Димитров (Викенд на Гордоста, Скопје), Борис Бакал (Фрлачи на Сенки, Загреб), Кристина Леловац (фестивал Прво па женско, Скопје), Димитар Самарџиев (Бостание – општествена градина, Скопје), Виолета Качакова и Филип Тасевски (ЗЕМЈОТРЕС фестивал на независна музика), Пијан Славеј, група Сиз, група Трето колено и други.

„АКТО, од позиција на вонинституционален сектор, 20 години по ред создава простор за колективност и критичност, локална и интернационална соработка и место за споделување и дијалог. Осмислувањето на 20-тото, јубилејно издание на фестивалот, извади на површина една исклучително важна тема во локалниот контекст, а тоа се најразновидните предизвици, пречки, недоумици и двосмислености, но и предности во создавањето на една програма. Оттука произлезе и темата на годинешното издание – како се прави?, односно како настаните од културата се конципираат и се продуцираат, како се создаваат фестивалите, изложбите, перформансите во земјава, односно како се граделе и како се трансформирале фестивалските изданија и формати на АКТО, но и како се менувал и како се градел поширокиот вонинституционален контекст и неговата неминовна всаденост во општествено-политичките околности“, велат од организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, кој стои позади организацијата на фестивалот.

АКТО 20 е фокусиран на „славење“ на слободната мисла и правото на користење на јавните простори, правото на создавање на мултидисциплинарни уметнички активности, вклучувајќи различни заедници, уметници, експерти и граѓани. Но, и на соработката и поддршката на млади автори и студенти и активно вложување во едукативни процеси.

АКТО изминативе четири години продуцираше неколку програмски и концепциски линии и платформи што во 20-тото издание ќе бидат во фокусот на работата. АКТО активно работеше на активирање на заедницата и просторот во киното на Железничката зграда (почна да работи таму во 2015 година) и ја формираше Лабораторија за просторно перформативни – практики Градот како сцена.

„20-тото АКТО се отвори со мала тизер кампања со наслов ГОДИНИТЕ СЕ САМО БРОЈКА преку која организаторите порачуваат – Она што навистина се брои е истрајноста или потенцијалот да се издржи, да се продолжи, да се создава и тогаш кога контекстот (драстично) се менува“, посочуваат од ФРУ.

Проектот 20. АКТО фестивал за современи уметности е поддржан од ГЕТЕ Институт Скопје во партнерство со водечкото германско списание во областа на архитектурата и урбанизмот ARCH + и Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија. Продукција: Лабораторија за просторно перформативни практики Градот како сцена во рамки на програмите на платформата за современа уметност и култура „Факултет за работи што не се учат“ – „АКТО фестивал за современи уметности“. Партнери на проектот Градот како сцена: еколошки иднини: ГЕТЕ ИНститут Скопје, ARCH +, Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Пловечки универзитет – Берлин, Факултетско студентско собрание – Архитектонски факултет – УКИМ Скопје.