ССНМ: Задржувањето на малите, алтернативните и локалните медиуми е од извонредна важност за сите граѓани

Самостојниот синдикат на новинари и медумски работници (ССНМ) во Центарот за иновации при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје одржа панел-дискусија „Одржливост на малите и локалните медиуми во дигитално време“, во рамки на проект поддржан од Union to Union и Меѓународната федерација на новинари.

Како што посочуваат од ССНМ, разговорот со сопственици и уредници од целата земја ги отвори клучните предизвици – медиумски пустини, нови модели на финансирање и потребата од адаптација – со цел изработка на конкретни заклучоци и насоки за дејствување.

„На средбата учествуваа десетина сопственици, и главни и одговорни уредници на медиуми од Скопје и од внатрешноста кои низ лични искажувања и дефинирање на состојбите во медиумскиот простор нѐ доведоа до заклучоци за правците на делување. Целта на дискусијата беше задржување и засилување на позицијата на т.н. мали медиуми, чија улога, беше констатирано од сите присутни, е од огромно значење за општата информираност, но и за сите демократски процеси во државата“, посочуваат од ССНМ.

Синдикатот вели дека публиката и читателите во медиумските пустини, во локалните заедници и кај маргинализираните групи во последниот период се во информативен „вакуум“ и се скусени за медиумски производи и вести кои не се предмет на обработка на поголемите и националните медиуми.

„Затоа задржување на медиумската мапа на малите, алтернативните и локалните медиуми е од извонредна важност за сите граѓани. Но, во новото време беше заклучено на панел-дискусијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, тие мора да се адаптираат на потребите што се наметнати и на новите модели на егзистенција на медиумите што претпоставува дека од новинарите сега се бара да бидат мултифункционални и со познавања од повеќе области. Дел од овие медиуми ќе мора и да се ориентираат според елементарен бизнис кодекс бидејќи за голем дел од нив во прашање е опстанокот. Секако во меѓувреме ќе треба да се задржи високо ниво на професионално новинарство, квалитет на вести и содржини, а со тоа и влијанието во своите средини“, истакнуваат од ССНМ.

На панелот во Центарот за иновации на Правниот факултет Јустинијан Први – Скопје на кој освен првите луѓе на десетина медиуми присуствуваа и претставници на медиумски организации, од катедрата по новинарство на Правниот факултет во Скопје, од мисијата на ОДИХР и од канцеларијата на Европска унија во Македонија, но и за партнерите од Меѓународната федерација на новинари, ССНМ ќе подготви и достави заклучоци кои, како што велат, можат да бидат почетна точка за решавање на сложената состојба во малите и локалните медиуми, кои се во комплексна ситуација и на раб на одржливост.

Фото: ССНМ