Во просториите на Кисела Вода, претставници на општината и Здружението „Икуалити“ одржаа состанок за претставување на идејното решение за „Паркот на еднаквоста“.
„Идејното решение за паркот, кој ќе биде синоним за највисоки стандарди во урбаното планирање, го презентираа авторите на проектното решение, претставниците на архитектонското студио ‘KONNTRA’ и ‘Икуалити’“, велат од Здружението.
Од таму нагласуваат дека проектот ќе понуди нов култен, урбан простор за рекреација, интеракција со природата, едукативни содржини за најмладите, а ќе промовира и иновативни стандарди на пристапност за сите сограѓани, вклучително лицата со попреченост.
„Позициониран на инфраструктурно значајна локација во Општина Кисела Вода, зад Тутунскиот комбинат, урбан простор кој граничи и артериски непосредно се поврзува со општините Аеродром и Центар. Предвидено е во претстојниот период да започне втората фаза од проектот, припрема на решението за изведба, а не подоцна од еден месец да започне и изведбата на паркот“, соопштува „Икуалити“
Според Здружението, pроектот „Парк на еднаквоста“ има за цел креирање највисоки стандарди во изедначувањето на пристапот кон урбаните простори, вклучително лицата со попреченост, поттикнување креативност кај децата и младите низ учењето и осознавањето преку игра, релаксација и интегративни катчиња. Паркoт треба да се реализира во соработка со Здружението „Икуалити“ и Општина Кисела Вода и е поддржан финансиски од Амбасадата на Полска во рамки на програмата „Полска помош“.