[Рецензија] Стровија фестивал – Втор ден

Верувам дека сите имаме моменти кога целосно се дисконектираме со луѓето и нештата што се случуваат околу нас. Живееме во свет на брз и предвидлив живот, каде што многу често забораваме дека интимните моменти не се тие кои ние детално ги планираме, за да може на крајот да сме задоволни дека нешто точно испаднало како што сме го замислиле. Туку тие, баш спротивно на тоа, се нештата што не’ приврзуваат со луѓето што се присутни во моментот и не’ потсетуваат дека нашето време, на планетава на која што чекориме, често е занемарено и самите не си даваме право да уживаме во тоа што е најосновно за нашето постоење – искуството, односно, искусување на убавите моменти во живо. Секој септември се јавува приликата ова да го живееме, барем за два-три дена, дружбата, комуникацијата, хаотичната егзистенција под ведро небо и сјајни ѕвезди – „Стровија“, културното собирање кое вдишува нов здив кај културните работници.

Стровија“, што оваа година се оддржи по трет пат во селото Стровија, Прилеп, е фестивал за сите културни работници, како и љубители на културата, каде што за два-три дена, со кампување под ѕвездите во дворот на Планинарскиот дом „Стровија“, и големиот број на активности,  музички настапи, се собираат млади и стари да уживаат во дружбата. Овој настан е организиран од Андреј Богатиновски, кој максимално секоја година вложува труд „Стровија“ да биде еден втор дом за сите нови уметници, особено музичарите, каде што ќе можат да се покажат себе си, како и да имаат едно поинтимно излагање со својата музика.

Вечерната атмосфера на вториот ден ја отворија Алембик (Ива Дамјановски и Виктор Танасковски). Настапот започна со „Хала (Hala)”. Атмосферична трака, која претставува фузија на акустичен и електронски звук, со елементи на фолк. Тоа што ја прави оваа изведба незаборавлива е вокалот на Ива. Со тон на мистичност, вокалот е контролиран, но, лесен, целосно ја води траката. Но, тука, за разлика од класичната поделба на вокалот од самиот инструментал, како посебен сегмент од траката што е поделен на делови (строфи, рефрен), во „Хала“ вокалот претставува уште еден слој на инструменталот кој е хармонизиран. „Хала“ оригинално беше објавена во две верзии, инструментал и верзија за филм. Траката беше направена за краткиот филм, со исто име , „Хала“, од Ангела Грозданов и Магдалена Донеска. 

Заедно, со сите комбинирани слоеви на инструменталот, „Хала“, направи еден амбиент на динамично движење на звукот. Јасно беше дека низ публиката се шири чувство на фасцинација. Самиот настап означи една мултисензорна пресвртница, убаво дразнење на сетилата кое ти дава до знаење дека си жив, присутен и си дел од оваа конвергенција на околината околу тебе. Во тој момент сите станавме едно.

Алембик беа проследени со настапот на Калико (Ана Томовска, Горазд Митревски, Леон Тенев и Александар Коцевски – за настапот на Стровија басистот Александар не беше присутен) нов млад бенд на музичката сцена во Скопје. Оваа година тие беа дел од „Сепак се врти“, музички фестивал организиран од музичкиот колектив Гола Планина низ повеќе градови во Македонија. Мислам дека самиот бенд имаше еден full-circle момент, со тоа што нивниот настап, како дел од фестивалот, беше во Прилеп и сега повторно ги гледаме во едно уште поинтимно издание во Стровија.

Нема зборови со кои автентично би можела да ја објаснам енергијата која овој прекрасен бенд ја донесе на сцената. За Калико, дворот беше нивната дневна соба. Под тие светилки и дрва, на публиката и беше дадена можност да гледа низ еден, така наречен, „прозорец“. Гледајќи ги Калико како свират и комуницираат, како никој друг да не е присутен; сите шеги и разменети зборови помеѓу Ана, Горазд и Леон, ни даде можност појасно да ја почувствуваме искреноста и емоцијата во нивната музика. Со неколку зборови, тоа беше интимност без рефлектори.

Убавината на Калико се јавува во нивниот баланс. Секој меѓу себе се комплементира на еден ненаметлив и суптилен начин, го бркаат истото чувство и уште подобро го свират.

Покрај „Петрихор“, новиот предалбум кои дечките од Калико се спремаат да го објават, моментално, тие само ја имаат изјавено песната „Сино Сиво“, која, според мене, го опфаќа целосно чувството кое Стровија го креира во сите нас. Лесен ритам, со текст што на површината не’ остава со еден носталгичен пресврт. Завршувањето на летото и започнување на новиот циклус за творење, каде што секој културен работник се спрема нешто ново да спреми за тоа следно лето кое се чека што побргу да дојде. Изведбата на „Сино Сиво“ не само што беше одлична од страната на Калико, туку и самата публика, со нивните измешани гласови, како молитва си ја пееја. За момент настапот станува колективен и сите сме дел од приказната која Калико ја раскажуваат. Тие си ја изложуваат својата мелодија, ние ги нудиме нашите гласови и барем на секунда сите, повторно, стануваме едно.

Се надевам дека „Стровија“ ќе остане како еден од тие култни настани, што, не само ќе собере уште повеќе публика и интерес, туку и ќе мотивира други културни работници да продолжат да творат безусловно и создаваат вакви слични настани и фестивали кои не само ја подржуваат културната сцена, туку и собаротката, човечноста помеѓу сите нас. Да сме фини еден со друг, во свет кој често не тера да сме цинични и да си ја заборавиме нашата човечност.

Кристина Филиповска Тина
Фото: Никола Атанасов
Деус

*За првиот ден од фестивалот може да го прочитате ТУКА.

**Рецензијата првично е објавена на сајтот на Мono-tonкаде можете да прочитате различни музички и албумски рецензии, најави за културни настани и сл. Мonо-ton е отворен за луѓе што сакаат да напишат нешто или да споделат рецензија.