Комисијата за студентски стандард и комисијата за дигитализација при Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј (УКИМ) преку прес-конференција објавија јавна иницијатива за унапредување на процесот за сместување во државните студентски домови.
„Со ова, бараме воведување на дигитализирано решение кое ќе обезбеди правичност, транспарентност и ефикасност при распределувањето на соби и цимери, како и достоинствен третман на студентите при нивното вселување“, нагласија од УСС УКИМ.
Според нив, постојниот процес на сместување создава сериозни потешкотии, меѓу кои и долготрајно исцрпувачко чекање, што годинава траеше и по 12 часови. Понатаму, нагласуваат, се создаваат гужви и неповолни услови за прием, простор за субјективни одлуки, но и коруптивни практики при доделување на соби.
„Со цел да не се повторуваат овие проблеми, предвидуваме надрадба на веќе посточеката е-услуги, преку следниот модел: По објавување на спосокот на примените студентите, во конкретен студентски дом, секој студент, преку својот профил ќе може електронски да испрати покана до идниот цимер, кој секако ќе мора да биде на листата на истиот студентски дом“, бараат од УСС УКИМ.
При ваквиот предложен процес, второто лице ја прима поканата по електронската пошта, ја потврдува или одбива преку својот профил. Во потврдата, алгоритам автоматски им доделува соба од типот кој првично ја избрал студентот што ја испратил поканата.
„Доколку таква соба не е достапна, системот ја доделува првата слободна соба. На крај, се објавува список на соби и станари, придружен со точно определени термини за вселување, со што се избегнуваат гужви и хаотични сцени при приемот“, посочуваат од УСС УКИМ.
Сметаат, со ова решение се постигнуваат повеќе придобивки.
„Придобивки како целосна транспарентност на процесот. Елиминирање на субјективно влијание и корупција. Достоинствени и хумани начини на сместување. Поефикасно управување на капацитетите на домовите. Оваа иницијатива е во согласност со националните политики за дигитализација и модернизација на јавните услуги. Во исто време, претставува одговор на реалните потреби на студентската заедница“, рекоа од УСС УКИМ.
Веруваат дека Министерството за образование и наука ќе ја препознае важноста и корисноста на овој предмет и, како што велат, заеднички ќе придонесат кон создавање современ, правичен и транспарентен систем за студентите.
Бојан Шашевски