Сојузот за младинска работа (СМР) објави јавен повик за прибирање средства за стипендијата „Билјана Василевска Трајкоска“, наменета за последипломски студии по младинска работа на Филозофскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,
„Стипендијата е востановена во чест на Билјана Василевска Трајкоска – истакната активистка и лидерка во областа на младинската работа, која со својата визија, посветеност и енергија даде значаен придонес во развојот и професионализацијата на младинската работа во нашата земја. Таа остави инспиративно наследство од иницијативи, промени и ангажман во заедницата, кое и денес ги мотивира младинските работници и организациите ширум државата“, истакнуваат од СМР.
Како што велат, со доделувањето на оваа стипендија, СМР не само што оддава признание на делото на Билјана, туку и ја потврдува долгорочната заложба за создавање нови генерации младински работници кои ќе ја негуваат и надградуваат нејзината мисија.
„Со поддршката од граѓаните, организациите, претставници од бизнис заедницата и сите останати поддржувачи ќе се овозможи: Младите да продолжат со последипломски студии по младинска работа; Создавање нови професионалци кои ќе го унапредат системот на младинска работа; Продолжување на визијата и инспирацијата на Билјана Василевска Трајкоска на следни генерации младински работници“, велат од Сојузот.
На повикот за доделување на стипендијата се пријавија 6 кандидати (двајца повеќе од последниот пат).
„Бројка што нè мотивира да се обидеме да обезбедиме и повеќе од една или две целосни стипендии. Одборот за доделување на стипендијата составен од пет члена (претставник од семејството и соработничка на Билјана; претставник од Националниот младински совет на Македонија – НМСМ; ProPeace; претставник од Управниот одбор и од Секретаријатот на СМР), веќе ги разгледа апликациите и закажа интервјуа со кандидатите, кои ќе се реализираат во текот на следната работна недела“, информираат од СМР.
Оттаму ги повикуваат сите поединци, организации и компании кои ја препознаваат важноста од развојот на младинската работа и младинските работници да се приклучат кон оваа иницијатива и да дадат свој придонес – преку соработка, поддршка или споделување на информацијата.