Фестивалот за европска литература „Букстар“ почнува во понеделник

Фестивалот за европска литература „Букстар“ (BookStar) почетокот на своето единаесетто издание ќе го означи во понеделник, 29 септември, во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје со почеток во 19.30 часот, а ќе трае до 2 октомври. Главните настани ќе се одвиваат во КИЦ, меѓутоа дел од програмата ќе се одвива и на други локации.

Годинашниот фестивалски слоган гласи „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).

„’BookStar’ во фокусот на својот интерес годинава ја става токму домашната литература и предизвиците со кои таа се соочува. Слоганот е непосредно инспириран од делoто на Мисирков, а индиректно од неговите ставови и начинот како ги претставува и елаборира. Тој не само што поставува основи на македонскиот јазик и современата македонска книжевност, како и на културната и националната самосвест, туку и прикажува интелектуален и пишувачки габарит каков што ретко сме виделе во нашата средина“, велат организаторите од издавачката куќа „Антолог“.

Годинава во фокусот се голем број македонски имиња, па публиката ќе има можност да чуе бројни разговори со Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски…

И годинава на овој фестивал доаѓаат светски имиња од светот на книжевноста, па македонската публика ќе има можност да ги види Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).

Фото: „Антолог“

За време на фестивалски денови ќе се одржат бројни настани, поткасти, разговори, средби со млади читатели, потпишување книги. Екслузивен настан годинава ќе биде „На кафе со Ахмет Умит“, кој ќе се одржи на 2 октомври во „Рамстор мол“. Влезот на сите книжевни настани е бесплатен.

Во рамки на фестивалот ќе биде доделена и наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик.

Тричлената комисија за доделувањето на наградата „Драги“ ја сочинуваат д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател), д-р Јана Михајловска, и Иван Шопов (членови).

Петте финалисти за 2025 година се Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година; Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година; Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на „Антолог“, 2025 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.

Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска.

Досега на „Букстар“ учествувале најголемите писателски имиња на денешнината: Славенка Дракулиќ, Наџат ел Хачми, Стефан Хертманс, Игор Штикс, Сјон, Миљенко Јерговиќ, Илја Леонард Фајфер, Јела Кречич Жижек, Михал Вивег, Слободан Шнајдер, Николо Аманити, Светлана Алексиевич, Саша Станишиќ, Евгениј Водолазкин, Ирса Сигурдардотир, Јуси Адлер-Олсен, Хокан Несер и многу други автори од речиси сите европски држави, како и неколку десетици македонски писатели.

Блаже Миневски е првиот македонски добитник на наградата „BookStar“