Пешаците кои минуваат преку пешачки премин, велосипедската патека или лента, возачите на велосипеди, мотоцикли и тротинети од денеска нема да смеат да носат слушалки во двете уши, да гледаат во мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би им се намалило вниманието додека одат или возат. Од денеска започнува примената на измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата што ги предвидува овие новини, пренесува новинската агенција Мета.
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата велат дека законските измени се усвоени за да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот.
„Ова подразбира поставување нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, при што, пешаците, велосипедистети, возачите на електрични тротинети и останатите учесници во сообраќајот предвидени со законското решение, се обврзуваат да учествуваат во сообраќајот без да користат електронски уреди кои им го одвлекуваат вниманието“, посочуваат од Советот и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат новите правила.
Неодамна, иницијативата НаТочак достави коментари за измените во Законот за безбедност на сообраќајот. За овој дел, oттаму реагираат дека казните за пешаци и велосипедисти со слушалки се неосновани и би можеле да ги демотивираат луѓето да пешачат или возат велосипед, додека вистинските опасности од сообраќајот остануваат неадресирани.
„Дел од медиумите не споделија внимателно за предложените измени на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата, граѓаните почнаа погрешно да толкуваат и чувствуваме обврска да подвлечеме некои работи“, рекоа од НаТочак.
Како што појаснуваат оттаму, измените не предвидуваат казни за користење на слушалки при пешачење на тротоар, во пешачки зони, низ паркови, односно места каде нема прекрстување со друг сообраќај.
„Ќе можеме да продолжиме безгрижно да користиме 2 слушалки, разни уреди или телефон додека пешачиме на места предвидени за тоа. Оваа слобода, комоција и предност на пешачењето не смее да се одземе! Дел од луѓето го одбираат пешачењето наспроти колата или велосипедот токму поради оваа можност (да си послушаат поткаст, да се чујат со некој итн.). Извинете, но ништо не сте направиле за безбедноста ако ги демотивирате луѓето да пешачат“, истакнаа од иницијативата.
Од таму нагласија дека измените предвидуваат казни за пешаци само при преминување преку коловоз или велосипедски површини, односно на пешачки премини, и тоа за користење различни електронски уреди и 2 слушалки, не за 1 слушалка, зашто се смета дека пешакот сепак слуша со другото уво.
„Да го свртиме малку вниманието кон двојните стандарди: Што е страшното? Што електронските уреди се забранети за пешаци и велосипедисти (и тротинетисти, и трактористи), а не и за возачи на моторни возила! За нив е забрането само да не употребуваат раце при користењето на уредите, а комотно можат да имаат слушалки во двете уши. Има некои меки формулации во важечкиот закон (кој не се менува во делот за возачи на автомобили) дека не смеат да користат електронски уреди ‘на начин на кој го загрозуваат управувањето со возилото’, инаку смеат. Значи тие можеби ја загрозуваат безбедноста, можеби не“, посочија од иницијативата.
НаТочак: Казнување пешаци и велосипедисти со слушалки е неосновано и демотивира