Дваесет и три училишта од Македонија ја добија титулата „Суперучилиште“ за оваа година. Нивните предложени проекти, кои треба да придонесат за градење мир, помирување и интеркултурно учење и дијалог во рамките на Програмата за размена на училишта во Западен Балкан, беа презентирани вчера на официјалниот настан наречен „Запознајте ги Суперучилиштата“.
Од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), која го организираше настанот со Германското здружение за меѓународна соработка (GIZ), појаснуваат дека претстојните активности за размена ќе се спроведуваат од 15 ноември оваа година до 15 април следната година. Во овој период, директорите на училиштата и наставниците ќе ги координираат и развиваат активностите со поддршка на RYCO и неговите ментори.
„Списокот од 100 средни училишта од регионот, вклучувајќи 23 од Македонија, можете да ги видите на веб-страницата на RYCO“, соопштуваат од Канцеларијата.
Воедно, посочуваат дека, за време на фазата на имплементација, секое партнерско училиште ќе организира една размена во другото партнерското училиште во траење до 6 дена, при што учениците ќе патуваат придружени од еден или двајца наставници.
„Преку програмата за размена, учениците и наставниците ќе имаат можност да патуваат, да се претстават себеси, своите училишта и обичаи на своите домаќини и да научат нови работи за локалните заедници низ целиот регион. Повеќе од 100 предлози за размена беа поднесени за 4-тиот отворен повик на Суперучилишта, кој стави посебен акцент на концептот на сместување во семејства – единствена можност за учениците и училиштата да учествуваат во билатерални размени во рамките на нивните локални заедници и домови. Во овој повик, 13 партнерства имплементираат сместување во семејства“, објаснуваат од RYCO.
Отворајќи го настанот, Фатмир Сабриу, Државен секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади, рече дека Суперучилиштата се водечка програма на RYCO и дека се горди на успехот што го постигнале досега.

Фото: RYCO
Елена Ивановска, Државен секретар во Министерството за образование и наука истакна:
„Мир, почит, пријателство и соработка се потребни за светот да оди напред. Ова се всушност вредностите на кои треба да ги учиме младите како во рамки на семејните заедници, така и во рамки на образовните установи. Идејата на RYCO е комплементарна со ова што го говорам, ги поддржува напорите за градење на генерации кои ќе сакаат да бидат обединети и со идентична цел – да го трансформираат регионот во подобро, посреќно и просперитетно место за живеење“.
Александру Албу, од Делегацијата на Европската унија (ЕУ), ја потврди континуираната поддршка на ЕУ поглед на отворање повеќе можности за младите во регионот како програмата за размени, сподели нови повици и простор за младите да бидат вклучени во нивните заедници, членувајќи во тела кои, како што рече, им даваат право на консултација за работи кои ги засегаат.
Истовремено, Кевин Маасс од Амбасадата на Германија ја потенцираше важноста на младите луѓе да бидат отворени за спознавање на сличностите наместо различностите, и се третираат едни со други со почит, сите победуваат на крајот, а според него програмата Суперучилишта игра голема улога во тоа.
Освен презентирање на идеи за проекти, настанот послужи и како можност за претставниците на избраните училишта подобро да се запознаат и да се вклучат во дискусии со клучните локални и меѓународни партнери на проектот „Суперучилишта“, како и да дознаат повеќе за следните чекори во процесот на имплементација на размена.
Инаку, Суперучилиштата се програма на RYCO за училишни размени во регионот со цел да се поддржи процесот на градење мир и помирување и интерукултурното учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници. Програмата е дел од повеќедонаторски проект „Програма за училишна размена во Западен Балкан“, кофинансиран од Европската Унија и Германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ) и имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) заедно со RYCO.
RYCO, пак, е меѓувладина организација која се грижи и промовира регионална и интеркултурна соработка на младите луѓе во рамките на и меѓу општествата на Западен Балкан.
„Програмите на RYCO се фокусираат на создавање можности за младите луѓе да се вклучат во активности што градат меѓусебно разбирање и помирување во граѓанските, социјалните, образовните, културните и спортските домени. RYCO иницира и учествува во креирањето политики и се залага за реформи. Поддржува развој на политичка и социјална средина што ги овластува и олеснува размените меѓу младите“, соопштуваат од RYCO.



