МОН: Се обезбедуваат подобри услови за настава и рехабилитација на учениците со посебни образовни потреби од ОУРЦ „Иднина“

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека се обезбедуваат подобри услови за настава и рехабилитација на учениците со посебни образовни потреби од Основното училиште со ресурсен центар (ОУРЦ) „Иднина“.

„До изградбата на нов училишен објект за учениците од основното училиште со ресурсен центар ‘Иднина’ во Чаир, тие ќе посетуваат настава и ќе користат услуги за рехабилитација во простории во рамки на државното средно училиште ‘Св. Наум Охридски’ во Скопје“, посочуваат од МОН.

Како што велат од министерството, градежните работи за адаптација на просториите кои беа започнати во јули годинава привршуваат, а денеска увид повеќе претставници од министерства, како и од Стопанската комора МАТТО која ја поддржа реализацијата на проектот со 6 милиони денари.

„Девет кабинети за индивидуална поддршка и работа по модифицирана наставна програма се веќе уредени, функционални, а останатите неколку простории ќе ги завршиме деновиве, така што многу скоро дечињата од ‘Иднина’ ќе се префрлат тука. Обезбеден е монтесори кабинет, кабинет за психомоторна реедукација, за арт терапија, сензорна соба, библиотека, адаптирани тоалети, нова опрема и околу 200 дечиња соодветно ќе ги добиваат услугите што законски им следуваат“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска, потенцирајќи дека ова ќе биде времено решение додека Владата изгради нов објект на постојната локација во Чаир.

Вицепремиерот Меџити кој пред неколку денови го презентираше идејниот проект за новиот училишен објект, рече дека Владата ќе се заложи за што поскора негова реализација, бидејќи, како што кажа, сите деца заслужуваат еднаков пристап до образование.

Според него Чаир, каде што и ќе се гради објектот, ќе стане инклузивна општина која преку ова училиште своите услуги ќе ги диспрерзира и ќе им помага на другите општини да обезбедуваат соодветна едукација и рехабилитација на децата со посебни образовни потреби.

„Ова е победа на соработката меѓу институциите, бизнис-заедницата и граѓаните. Овие простории не се само ѕидови и опрема – тие се симбол на општество кое инвестира во својата иднина“, рече Меџити.

Претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски изјави дека како одговорна бизнис заедница, комората ќе продолжи да поддржува иницијативи за подобрување на условите за настава, бидејќи, како што кажа, образованието е и останува заедничка, општествена одговорност.

Фото: МОН