Во кафе-барот „Котур“ во Скопје на 24 септември, среда, со почеток од 18 часот, ќе се одржи слушачка промоција на вториот албум на скопскиот бенд „Карла Левински“ – „Нова зграда LP“, издание број 113 за „Шарла Рекордс“ (Sharla Records).
Како што посочува независниот издавач, „Карла Левински“ е авторски проект на познатиот скопски гитарист Сеад Хаџиќ – Сецко („Last Expedition“, „Мугер Фугер“, „Exic“), кој го стартуваше минатата година со успешниот истоимен деби албум. Година дена подоцна Сецко повторно ја собра својата ол-стар екипа за да го реализира и вториот албум – „Нова зграда“.
„Истиот бескомпромисен став, сиров панк звук и анархистички текстови остануваат главното форте и на овој материјал. Песните се звучно послоевити, во поширок стилски опсег и полни со енергија на директен културно-политички протест во овие турбулентни времиња. Храброст, искреност и цврстина во секој тон, тоа се можеби трите најважни карактеристики на албумот ‘Нова зграда’ на ‘Карла Левински’“, посочуваат од „Шарла“.
Во реализацијата на ова издание покрај Сеад Хаџиќ – Сецко, учествуваат: Огнен Мангаровски – Оки, Виктор Гајтановски, Сашо Митревски, Андреј Атастасов Даскаловски – Еди, Андреа Салпе, Андреј Коларовски и Стефан Момиќ.
Албумот е снимен во домашното студио на Сецко, миксот го изработи Горан Трајкоски – Готра, а дизајнот на омотот е на Даниела Хаџиќ.
„Нова зграда“ излегува како дигитално издание и ќе може слободно да се симне од Бендкемп страната на „Шарла Рекордс“.
Од албумот веќе се објавени и два синглови „Нова зграда“ и „Демократија“.