Граѓански дијалог за депонијата на фосфогипс од Хемиска индустрија Велес на 24 септември

Првиот граѓански дијалог под наслов „Гласови за промена: истражување на решенија за депонијата од Хемиска индустрија Велес“ ќе се одржи на 24 септември во „Јуроп хаус“ во Велес. Ова е почеток на серија дијалози чија цел е да го донесат локалното население во преден план при процесот на донесување на одлуки за решавање на овој еколошки проблем, велат од проектот „FIC-Fighters“.

„Настанот во Велес ќе вклучи локални жители и граѓански организации во отворена размена за еколошките и социјалните влијанија од депонијата на фосфогипс, која е настаната со таложење на нуспроизводи од фабриката за производство на вештачки ѓубрива – Хемиска Индустрија Велес (ХИВ). Оваа депонија е и една од 16-те мапирани еколошки жешки точки во нашата земја“, истакнуваат од „FIC-Fighters“.

Како што додаваат оттаму, фабриката отворена во 1979 и затворена во 2003 година, остави зад себе околу 3,7 милиони тони гипс на површина од 70.000 м², во близина на реката Вардар и на околу 15km од Велес. Со уништена опрема и објекти, областа останува сериозен еколошки предизвик, но и уникатна можност за одржливи стратегии за намалување на отпадот, примена во алтернативни производи и бенефит за локалната еконимија.

„Во сржта на ‘FIC-Fighters’ лежи јасна визија: трансформација на еколошките и социјалните предизвици во можности за одржлив развој и зајакнување на заедницата. Проектот ги интегрира еколошките, социјалните и управувачките (ESG) перспективи во ремедијацијата на фосфогипсните депонии низ Европа, со амбиција да се постигне циркуларна економија која не само што ги намалува ризиците врз животната средина и здравјето, туку и ја зајакнува прекуграничната соработка и локалните модели на управување“, појаснува тимот зад проектот.

Според нив, истражувачите на „FIC-Fighters“ развиваат методи за валоризација на фосфогипсниот отпад за производство на одржливи суровини за индустриите за хартија, цемент, батерии, ѓубрива и детергенти. Покрај ре-валоризацијата на фосфогипсот, проектот ќе ги користи и остатоците од алуминиумската индустрија. Ова ќе овозможи еден од главните хемиски процеси во проектот – базиран на патент во сопственост на партнерот „CapturaCO2, S.L.“ – да создаде нова вредност од два вида отпад што во моментов само се складираат. На овој начин, проектот го поддржува развојот на циркуларна економија во главни индустриски сектори како што се производството на детергенти, текстил и цемент.

„Зошто сега? Итноста е очигледна. Фосфогипсните депонии претставуваат значителни закани за животната средина и човековото здравје. Но, тие истовремено нудат можности за иновации, споделување знаења и одржлив економски развој. Директно вклучувајќи ги локалните заедници, проектот гарантира дека решенијата не се само научно засновани, туку и социјално праведни и рефлексија на животните искуства на локалното население“, посочуваат тие.

За време на дијалогот, учесниците ќе се запознаат со депонијата како еколошки проблем и целите на проектот „FIC-Fighters“, ќе ги мапираат ризиците и влијанијата од перспектива на заедницата, ќе допринесат кон собирање податоци и знаења, поврзувајќи локални увиди со научни истражувања и ќе кеираат стратешки предлози и можни идни сценарија за одржливо управување со депонијата.

„Со зајакнување на гласот на граѓаните и вреднување на нивното знаење и перцепции, проектот поставува преседан за инклузивна и визионерска еколошка акција во Европа и пошироко“, поентираат од „FIC-Fighters“.

Главен партнер во проектот од Македонија е Градежниот Институт Македонија (ГИМ), кој го организира настанот во Велес заедно со другите проектни партнери.

Учеството на настанот е само со покана, но доколку би сакале да присуствувате, контактирајте ја претставничката на ГИМ, Азра Мисини (azra.misini@gim.com.mk), за да се информирате дали има дополнителни слободни места.