Изложба „Жените зад насловите: 80 години медиумска историја“ во среда во „Излет“

Изложбата „Жените зад насловите: 80 години медиумска историја“ посветена на жените кои оставиле силен печат во македонската медиумска историја ќе се одржи на 24 септември во 19:30 часот, во скопското кафуле „Излет“.

„Публиката ќе може да види 30 фотографии кои сведочат за нивната улога во зачувувањето и развојот на професионалните медиуми во земјава. Подготовките на изложбата беа направени во соработка со семејствата на овие жени“, информираат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Женската медиумска мрежа „Еднаква“.

Како што велат тие, жените во медиумската индустрија играат клучна улога уште од првите денови на македонското новинарство. Нивното присуство, додаваат организаторите, не било само симболично, тие влијаеле врз етаблирање на професионалните стандарди, отворале авангардни теми кои го менувале општеството и биле глас за оние што останувале без глас во јавноста.

„Историјата сведочи за голем број значајни имиња од почетната ера на македонското новинарство, радио и телевизиски пренос, како и првите репортерки, монтажерки, камерманки, фоторепортерки кои ги отвораа прашањата за политичките и општествените случувања, култура, образование и социјална правда во јавната сфера“, истакнуваат од ССНМ и „Еднаква“.