Шест месеци по трагедијата во Кочани: Молк, лутина и најави за мобилизирање

На плоштадот „Македонија“ вчера (16 септември) со почеток во 20:16 часот се одржа собир за оддавање заедничко сеќавање за изгубените животи во пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, кој се случи пред шест месеци.

„Денеска сме собрани тука за да ги потсетиме интитуциите дека ние сме свесни за нивната неодговорност и непостапување. Овие шест месеци не видовме ниту една институција да излезе со било каков одговор на барањата кои ги имаме, а барањата се многу јасни: треба да сносат одговорност сите оние кои биле вмешани во работењето на дискотеката ‘Пулс’. Ние сме тука да потсетиме дека граѓаните не го простуваат ова. Овој молк денеска ќе биде исполнет со тага, но и со лутина. Од утре веќе не молчиме“, истакна Анастасија Павловска од иницијативата Кој е следен?.

Како што појасни активистката, ова значи дека граѓаните масовно се мобилизираат за да одговорат на сите неправди кои се случуваат во државата, преку простести и други случувања.

„До кога ние ќе чекаме овој случај да има некаква разврска? Ова е најголемата трагедија која ни се случила, многу мои врсници го изгубија својот живот и мислам дека треба да се однесуваме како таква да е ситуацијата. Како може шест месеци никој да не излезе ништо да каже? И на овој ден, каде ете се прават шест месеци од оваа трагедија, сепак нема никој кој излезе да даде било каква изјава или зборови за утеха за родителите. Ние сме тука, родителите знаат дека сме тука, тие се во Кочани. Сакавме да оставиме пораки до семејствата, да ги потсетиме дека не се сами во оваа борба и дека ќе ја истераме борбата до крај“, рече Павловска, повиикувајќи ги сите граѓани да се придружат.

„Денес беа овие деца, утре можат да бидат вашите деца, вашите врсници, мислам дека доста веќе молчевме“, поентираше таа.

Студентското пленумско движење на чија иницијатива, заедно со Кој е следен?, се одржа собирот, денеска побара јавно извинување од операторот и одговорните лица задолжени за работата на видеобимот на плоштад „Македонија“.

„На граѓанскиот собир најавуван неколку денови претходно, 16 минутниот молк со кој се оддаде почит кон жртвите на злосторството во Кочани и солидарност кон нивните најблиски беше нарушен од континуираните прегласни реклами кои кружеа на видеобимот“, раскажуваат од студентската иницијатива.

Според нив, наместо да кружат реклами, што симболично го прикажува отсуството на елементарни вредности во нашето општество, видеобимот требаше да биде изгасен во текот на молкот, или уште почовечно, на него да биде прикажана порака во солидарност со семејствата и настраданите.