Шеснаесеттата сезона на „Креативен викенд“ финишираше синоќа (16 септември) со настан во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Овој своевиден културен центар е местото каде почна и заврши сезоната, а присутните имаа можност да проследат изложба на детски цртежи од Лазарополе, дискусија со неколкумина од годишениот „Креативен викенд“, како и концерт на писателката и музичарка Хана Корнети.
View this post on Instagram
Воедно, на продажна маса се наоѓаа фотографии, принтови и книги од поранешните учесници од „Креативен викенд“.
Јован Ламбески објаснува дека се работи за иницијатива која веќе 16 години се одржува во Лазарополе, на надморска височина од 1.350 метри, во стара куќа од 100 години.
„Таму секој викенд доаѓаат уметници од Македонија, а потоа и од други земји и творат заедно, во природа. Ние одбираме дел од она што е сработено и го презентираме во поголемите европски градови, од каде потоа доаѓаат и други уметници – и така се врти во круг“, објаснува иницијаторот на „Креативен викенд“.
Како што нагласува Ламбески, се обидуваат да го организираат органски, на „природна база“.
„Значи, да се комуницира директно, без сајтови, без институции и да им се помогне на уметниците да имаат простор каде можат да творат. Да се запознаат и со колегите од другите земји и можност да се претстават надвор од Македонија“, потенцира тој.
Од годинава отвориле резиденции низ други градови – зимските „Креативни викенди“ во Белград, но и пролетните во Париз.
„Во Париз имаме гостувања на едно радио, со емисија посветена на македонската алтернативна сцена, каде го претставивме фанзинот на ‘Партизанска штампа’. Имавме и презентација на резиденцијата. Се работи за ‘La Générale’. Таму ни доаѓаат и музичари, скулптори… Така да, таа бариера е пробиена и веќе имаме соработка со нив“, појаснува Ламбески.
Следно, одат за Шпанија. На 26 септември имаат презентација во Вик, град блиску до Барселона.
„Сакаме во Барселона да побараме сојузници. Потоа, одиме и за Мадрид, се надевам ќе можеме да обезбедиме некои од македонските уметници да се претстават во овие градови. Во план е резиденција на Искра Трајчева во Париз следната година, додека во Шпанија ќе пробаме да организираме да отиде некој друг… Работиме, паралелно имавме и Французинка-резидентка во Лазарополе. Тоа е идејата, некој доаѓа, а некој од нас оди таму“, констатира Ламбески.
Бојан Шашевски