„Јон Вардар“ со премиери во Кина, Германија и Романија

Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ продолжува со својата меѓународна фестивалска авантура. Во наредните недели филмот ќе биде прикажан на три престижни фестивали: „Меѓународниот филмски фестивал на патот на свилата“ (Silk Road International Film Festival) во Кина, Фестивалот за детски и младински филмови „Шлингел“ (SCHLiNGEL International Film Festival for Children and Young Audiences) во Германија и „Галактички Имагинариум“ (Galactic Imaginarium) во Романија.

Како што се вели во соопштението, „Silk Road International Film Festival“ е еден од најголемите културни настани во Азија и вистинска раскрсница на светските кинематографии. На неговите досегашни изданија учествувале големи имиња како Лук Бесон, Асгар Фархаади, Софи Марсо, Амос Гитаи и Џеки Чен.

Со своето 30-то јубилејно издание, „SCHLiNGEL“ е еден од најголемите и најзначајни европски фестивали за детски и младински филм, пишува во најавата. Таму се прикажуваат внимателно селектирани остварувања што ја слават креативноста и разновидноста во светското детско кино.

Романскиот „Galactic Imaginarium“ пак, се одржува во Тимисоара и е специјализиран фестивал за фантастика и научна фантастика.


„Неверојатно е чувството да видиш како една македонска приказна за помалку од две недели патува од Кина, преку Германија, па сè до Романија. Овие три фестивали се различни по својот карактер – еден е светски гигант, другиот е европска институција за детска публика, а третиот е специјализиран за фантастика. За мене тоа е доказ дека филмот зборува универзален јазик. Се надевам дека публиката насекаде ќе ја почувствува иста радост и возбуда како и ние кога го создававме“, изјави режисерот Гоце Цветановски.

Од екипата на филмот најавуваат дека во октомври ќе бидат објавени уште нови фестивалски селекции, и дека меѓународното патување на „Јон Вардар против Галаксијата“ допрва продолжува.