Централната лабораторија на Министерството за животна средина сѐ уште не е акредитирана за ниту една метода за следење на квалитетот на воздухот. Иако Скопје секоја година е високо на листите на најзагадените градови во светот, мерењата се доверуваат на приватни лаборатории со кои Министерството склучува договори. Тоа го покажува и последниот пример со пожарот во Трубарево, кој повторно го истакна проблемот што се провлекува повеќе години. За земање примероци за квалитетот на воздухот во Скопје деновиве е ангажирана Еуромак контрол, со која министерството во април потпиша договор на една година, oбјави агенцијата Мета.мк.
Причината што Централната лабораторија не може да се акредитира за метода за воздух е што нема доволно вработени кои ги побарува стандардот, велат во Министерството. Иако поседува квалитетен инструмент за мерење на емисии од стационарни извори, со него работи само еден вработен, а потребни се тројца.
„Централната Лабораторија во однос на воздухот врши само мерења на емисии на гасови од стационарни извори, оџаци за кои сѐ уште не сме акредитирани. Пред две години беше одвоен и буџет и два пати беше објавен конкурс за вработување на три лица, но беше примено само едно, бидејќи немаше пријавени стручни лица“, велат од Министерството.
Лаборатријата може да работи за потребите на Државниот инспекторат за животна средина, но инспекторите подолго време не бараат услуги од тука. Мерења можат да нарачуваат и фирми на кои им се потребни одредени резултати, кои не се од акредитирана установа. Токму поради тоа Лабораторијата не нарачува нови инструменти.
„Во однос на мерење на емисии од стационарни извори имаме доста квалитетен инструмент Хориба со кој ги вршиме мерењата, но немаме набавено нови. Во моментов не ни требаат инструменти, туку човечки ресурси“, велат од Министерството.

Фото: Мета.мк
Централната лабораторија е акредитирана за 20 методи за отпадни и површински води како и една метода за мерење на ниво на бучава во животна средина. Во март годинава установата доби нов четиригодишен сертификат за иститете методи и докажа дека системот за квалитет на сдандардот за акредитирана лабораторија се спроведува. Министерот Изет Меџити минатиот месец информира дека лабораторијата добила инструмент во вредност од 160.000 евра од УНОПС, за анализа на тешки метали во почва, вода и воздух, а инсталацијата на опремата и обуката на персоналот ќе се реализираат во текот на овој месец.
Акредитирањето на Централната лабораторија за мерења на емисиите во воздухот беше едно од најчесто повторуваните барања на еколошките организации со цел да се помогне во работењето на Државниот инспекторат за животна средина во документирањето на случаите на аерозагадување. Лабораторијата постои повеќе од четири децении, а во составот на Министерството се наоѓа уште од неговото основање во 1995 година. Фактот дека не поседува акредитација за ниту една метода за воздух, е причина нејзините мерења на разни параметри на загадувањето да не се сметаат за цврст доказ, посебно во судските постапки против загадувачите, заради што и таа досега не беше во функција на инспекцијата за животна средина во документирањето на случаите на аерозагадување, пишува Мета.мк.
Инаку, Радио МОФ претходно истражуваше за проблемот со државната Централна лабораторија, која, додека не се акредитира, практично е неупотреблива. Со тоа, нема соодветен контролен механизам за загадувачите. Инспекторите мораа да ангажираат комерцијална акредитирана лабораторија (УГД Штип, „Фармахем“, „Технолаб“, „Еуромак контрол“ и слично). Но, проблемот е што ниеднa приватна лабораторија не си дозволува да врши супервизија на друга приватна лабораторија. Затоа и останаа сомнежите во јавноста за одредени мерења, или за спрема меѓу инсталацијата и оној што мери.