Што навистина носиме на себе?, прашуваат од НВО Инфоцентар, од каде посочуваат дека производството на текстил не е само моден процес, туку еден од најголемите загадувачи на планетата.
Од НВО Инфоцентарот даваат и неколку аргументи за ова тврдење, а еден од нив е потрошувачката на вода.
„За да се произведе само една памучна маица, потребни се околу 2.700 литри вода, што е доволно да ги задоволи потребите на една личност од вода за пиење за најмалку 2,5 години! Потребното количество на вода секако варира во зависност од регионот“, нагласуваат тие.
Понатаму, го посочуваат и загадувањето на водата и почвата. Процесите на бојадисување и обработка на текстил, велат од НВО Инфоцентарот, вклучуваат различни хемикалии кои содржат тешки метали, создавајќи отпадна вода, која во многу земји не се третира.
„Овие хемикалии преку водата завршуваат во реките и почвата, директно загрозувајќи го водниот свет, безбедноста на земјоделските производи и здравјето на луѓето“, нагласуваат тие.
Исто така, се осврнуваат и на емисиите на стакленички гасови, особено што текстилната индустрија учествува со 2 – 8% од глобалните емисии на стакленички гасови (GHG).
„Трендот на производство и потрошувачка на текстил и облека продолжува да расте, предизвикувајќи уште поголем раст на емисиите, што директно влијае на климатските промени“, забележуваат од НВО Инфоцентар.
Во однос на синтетички материјали и микро пластика, нагласуваат дека материјалите како полиестер и најлон се произведуваат од нафтени деривати од кои, со процесот на преработка, се создаваат стакленички гасови.
„Овие материјали при перење испуштаат микро пластика, која завршува во морињата и океаните, влијаејќи врз морскиот свет и навлегувајќи во храната што ја јадеме“, потенцираат.
На крајот, алармираат и за отпадот и деградација на почвата. Откако ќе ги фрлиме нашите алишта, тие стануваат отпад и понатаму ја загадуваат и огрдуваат животната средина.
„Оставени на депониите, преку врнежите синтетичките микро-влакна и токсичните хемикалии користени во производството повторни ги загадуваат подземните води и почвата“, забележува НВО Инфоцентар.
Од таму се децидни: помалку од половина од употребуваната облека се собира за повторна употреба или рециклирање од која само 1% се рециклира во нова облека, бидејќи технологиите што би овозможиле рециклирање на облеката само што почнуваат да се развиваат.
Акцијата „Мода со повисока свест” ја спроведува Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – IPECC Скопје, во соработка со НВО Инфоцентар, во рамките на проектот „Здружени за активно граѓанство“, поддржан од Европската Унија.