Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ бара волонтери и волонтерки кои ќе им помогнат сите настани на фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура“ да се одвиваат навремено и непречено.
Фестивалот ќе се одржива на 26 и 27 септември, во кафе-книжарниците „Буква“ и „Илика“ и предвидена е дводневна програма што вклучува базар, свирки, изложби, панел-дискусии, предавања и поетски читања.
„Поради густата програма потребни ни се луѓе кои ќе ни помогнат со ангажманите околу организирање на просторите пред и по секој настан. Затоа отвораме повик за креативни и ентузијастични волонтер(к)и кои преку својата љубов за културата ќе внесат магија во фестивалот! Притоа, тие за возврат би добиле увид и искуство во организирање на културен настан, волонтерска потврда како и нови пријателства“, соопштуваат од „Култура Бета“.
Од таму посочуваат дека со нетрпение ги очекуваат пријавите, а повикот е отворен до 19 септември.