Аеродром и Ново Лисиче повторно се гушат во чад

Населбите Ново Лисиче и Аеродром и утрово беа обвиткани во чад поради пожарот на депонијата Вардариште во делот околу отпадот за старо железо, пренесува агенцијата Мета.мк.

Неподносливиот мирис и загадувањето веќе шести ден им го загрозуваат здравјето на жителите, што е причина за протести кои се одржуваат веќе три дена по ред на булеварот „Киро Глигоров“, кај мостот „Близнак“. Тие ја блокираат крстосницата и бараат од институциите да преземат итни мерки.

Во меѓувреме, надлежните си ја префрлаат одговорноста за овој екоцид. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кажа дека очекувал денеска одговори од скопската бригада за противпожарна заштита.

Пред неколку дена, мерка притвор им беше изречена на три лица осомничени за загрозување на животната средина и природата со отпад на Вардариште. Според МВР, тие подолг временски период создале депонија, спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето.

Тројцата вршеле откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори на импровизирани пунктови без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење на дејност за управување со отпад.

Во продолжение, потсетуваме на текст на Радио МОФ од лани, кога пишувавме за пожарите на Вардариште, но и за можните решенија за санација на оваа децениска црна точка и еколошка бомба за Скопје.

Пожарот во Вардариште потсети дека треба итна санација на депонијата, а тоа го утврди и Студија уште пред 10 години