
Љубица Шопова
Ако размислиме логично, постоењето на Светот низ сите негови фази е во состојба на постојана транзиција – од еден кон друг систем, од една кон друга сфера, од една кон друга парадигма со цел да се постигне нешто подобро, нешто повеќе за сите битија во однос на претходното. Но, низ тој процес на континуирана транзиција се прашувам дали навистина како луѓе променивме нешто? Односно, дали сакаме навистина да промениме или само наоѓаме рамка во која ќе ги сместиме сите аномалии во нешто „функционално“, подобно и политички коректно? Дали денес промените се само уште еден наратив, уште една приказна со која се залажуваме индивидуално и колективно и на кој стихијно се препуштаме на различни теми: економски раст, профит, дигитализација, интеграција, регулација, дерегулација, пазар, општество, заедница, идеологија. И уште поважно, како се однесуваме, што правиме или што направивме околу тоа?
Во време на дигитализција и вештачка интелигенција каде што алгоритмите се во состојба да ги детерминираат и обликуваат доминантните наративи, да ни наметнат и да знаат што мислиме и што ни треба повеќе од самите нас, преобмислувањето на клучните општествени сегменти, интерпретацијата и толкувањето на клучните показатели се повеќе од неопходни. Како што вели во своите анализи реномираниот грчки економист, Јанис Варуфакис, пазарите, па јас би додала и целите економии се претворени во платформи т.е. средство за модификација на однесувањето на човекот. И притоа, тука човекот е најневажен. Важно е неговото модифицирано однесување преку алгоритмите во сопственост на диги-капиталистите кои му ги продаваат на некој начин решенијата за проблемите кои му ги предизвикуваат под услов да се максимизира профитот. Всушност се наоѓаме во ситуација во која бихејвиоралните аспекти на некој начи се злоупотребуваат во функција на профитот, наместо да се користат за креирање на политики и решенија за благосостојба на човештвото.
Низ историјата на економските кризи стотици години наназад во зависност од факторите и поместувањата кои ја предизвикале самата криза се одговарало со соодветни мерки и механизми низ различните процеси на регулација и дерегулација. На сето тоа претходеле и длабински анализи со цел да се намалат негативните ефекти од последиците од тие мерки кои секако се неизбежни при било какви структурни и неструктурни општествени промени. Во секој случај, предложените мерки повеќе или помалку давале некаков резултат и економиите функционирале во зависност од расположливите капацитети и можноста за оптимално искористување на сопствените перформанси за преточување во пракса на предложените политики. Кога сме кај политиките, и во најдобрите времиња за обичниот човек тие секогаш биле во функција на она каде што била концентрацијата на моќта и капиталот. Тој феномен е сѐ повеќе присутен и уште поизразен и денес.
И 17 години по кризата од 2008 година, веќе живееме со нова криза од друга природа, а не сме ги излечиле целосно последиците од претходната. И тука, доаѓаме до уште еден предизвик, а тоа е инертноста и некреативноста при конципирањето на мерките за надминување на последиците од ваквите економски кризи. Ако го земеме и само овој период од 17 години, тука има многу промени од економска и неекономска природа. Од самите наративи и приказни кои се клучни за дел од кризите во овој период, поместувањата на геополитички план, структурните промени во распределбата и контролата на ресурсите и самото функционирање на пазарите се менуваат од ден на ден, а мерките и парадигмите остануваат исти. Проблемите се детектираат, а решенијата ги нема. Наместо да се менуваат, модифицираат и преобмислуваат работите, се наоѓа рамка во која удобно ќе се сместат аномалиите за да продолжат да функционираат нормално, легално и непречено и на некој начин да се интегрираат безболно во системот. Па така, и по 17 години од економската криза во 2008 година имаме т.н. „банкарство во сенка“, хибридни и алтернативни рамки на финансирање, кои се тука, но се надвор од радарот на регулацијата. Имаме традиционални форми на монетарна и фискална политика кои никако да ги интегрираат иновативните пристапи со цел да понудат решение на новонастанатите демократски општества и новоформираните пазарни механизми. Не можеме да лечиме нови дијагнози со застарени лекови. Не можеме да ги промениме работите само со детектирање на проблемите. И сето тоа да го криеме зад параванот на слободниот избор и светоста на демократијата. Тогаш, што би бил одговорот на денешниот хаос? Како да излеземе од флоскулите и голите наративи и да понудиме решенија?
Во демократските општества неопходни се слободни и фер избори, како и независно и непристрасно судство што ги решава споровите без разлика кој е вклучен во постапката. Ако законите што ги донесува демократијата не се применуваат правично и без влијание од извршната власт, тогаш таквото општество тешко може да се нарече демократско.
Едно од можните решенија за враќање кон вистинска демократија и економија ставена во служба на луѓето е повторното зајакнување на концептот на одговорност – и лична и колективна – заедно со јасна и правична регулација. Тоа подразбира нормализирање на прогресивното оданочување, со внимателна и детална анализа каде и како е применливо, модернизација на регулативата која ќе даде одговор на новата пазарна и општествена реалност, фокус на одржливоста и чистата зелена агенда, како и интегрирање на бихејвиоралните аспекти при креирањето на економските и сите други јавни политики, особено кога станува збор за комплексни избори, бидејќи луѓето не се рационални суштества и не секогаш се во состојба да го изберат најдоброто за нив. И конечно, ако зборуваме за вистинска и континуирана еволуција, никако не треба да не плаши преобмислувањето на работите и напуштањето на добро вкоренетите и научени обрасци.
Само ако сме спремни да ги пресечеме гранките на кои удобно сме сместени, да засадиме нови дрјва и да закалемиме нови садници на длабоко вкоренетите вистински вредности ќе вирееме и ќе постигнеме вистинска одржливост во фунција на човекот и сите битија.
Љубица Шопова, магистер по економски науки и проект менаџер за јакнење на зелени капацитети
*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ