Кинотеката на Македонија ја најавува септемвриската програма, за која велат дека ќе донесе вистински филмски празник за љубителите на седмата уметност.
„Овој месец е посветен на антологиските филмови од историјата на светската кинематографија, како и на значајни македонски играни и краткометражни остварувања. На репертоарот ќе се најдат ремек-дела што го обележале златното време на филмот“, раскажуваат од Кинотека.
Како што додаваат оттаму, посебно место во програмата ќе имаат и македонските краткометражни филмови, кои на најдобар начин ја претставуваат енергијата и креативноста на неколку генерации автори.
„Кратката форма ќе биде претставена преку избор на значајни остварувања, кои ги истражуваат интимните приказни, урбаните пејзажи и социјалните предизвици. Овие проекции се можност публиката да се сретне со зрели авторски визии, а истовремено и да ја почувствува пулсацијата на современиот македонски филм“, истакнуваат од Кинотека.
Со оваа програма, нагласуваат од Кинотека, септемвриската филмска сцена станува мост меѓу светската класика и македонското авторско творештво.
„Публиката ќе има ретка можност да ги доживее најсветлите моменти на филмската историја и истовремено да се потсети на значењето на македонскиот филм како органски дел од европската културна мапа“, заклучуваат оттаму.
На веб сајтот на Кинотека се наоѓа целосната програма.