Првиот блок премиери на документарни филмови продуцирани во Македонија или реализирани во копродукција со регионални партнери се одржа на 22 август. На платото пред Музеј на Македонија беа прикажани филмовите „Антигона“ на Ибер Деари и Мирсад Абази, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов и „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, реализиран во копродукција помеѓу Србија и Македонија.
„Краткиот документарен филм ‘Антигона’ на Ибер Деари и Мирсад Абази ја пренесува приказната на една жена која започнува тивка револуција. Наследувајќи ја работата на својот татко камионџија, таа отвора нови можности за жените околу себе. Бидувајќи единствена врска помеѓу селата и светот надвор, таа растовара тешка стока, поздравува познати лица и се движи во свет обликуван од мажи и нивните очекувања. Со тивка решителност, Антигона ja прифаќа својата улога на спасителка – ги поддржува луѓето околу себе и нежно го менува начинот на кој околината ги перципира жените, но и нивната себеперцепција. Главната протагонистка во филмот заедно со режисерот се претставија пред публиката на ‘МакеДокс’“, појаснуваат од фестивалот.
Филмот „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов, пак, носи приказна за бран сеќавања кои предизвикуваат хипнотичка медитација за тагата и времето. На фестивалот беа присутни авторот Ханис Багашов и композиторката на музиката Арта Абази.
Долгометражниот документарен филм „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ е снимен во коавторство на сценариото со Виктор Трајановски. Мнозинството следбеници на дервишкиот ред Бекташи во Канатларци, калливо и тутунарско село во Северна Македонија, ја гледаат Ајтен како мајчинска фигура, која се труди да им даде поддршка исто како што им дава и на своите две деца и четири внучиња. Нејзиниот сопруг Ердоган е дервишки свештеник од највисок ранг во нивниот локален храм. Оваа вредна двојка покажува како еднаквоста цвета таму каде што најмалку се очекува – во рурална заедница на муслимани посветени на религијата, семејството и традицијата во еден од најсиромашните делови на Балканот. Продуценти на филмот се Јелена Ангеловски и Ивана Шекуткоска.
Во рамки на програмата за деца и млади на 23 август во МКЦ премиерно беше прикажан филмот „Мојот летен распуст“ на режисерката Петра Селишкар. Додека повеќето деца заминуваат на летување, осумгодишниот Басри е нестрплив да го помине распустот со браќата на македонските планини. Далеку од светот на возрасните, ќе навлезе во вештината на сточарењето и ќе ужива во недопрената природа, чувството на слобода и макотрпните животни обврски. За него тоа е живот од соништата, а неговите браќа веќе почнуваат да сонуваат за инаква иднина.
Македонската премиера на новиот долгометражен документарен филм „Планината не оди никаде“ на словенечката авторка, режисерка и продуцентка Петра Селишкар ќе се одржи денеска, 25 август, во 21 часот, во рамки на програмата на 16. „МакеДокс“ во Куршумли ан.
„Високо во македонските планини, среде стадо од 500 овци чувани од огромни кучиња, има бачило. Од ова несигурно прибежиште одекнува детска смеа. Под лимениот покрив живеат браќа овчари кои макотрпно работат за да го одржат семејството. Кога не работат, си играат и разговараат за значењето на животот. И додека за некого животот е токму таму, други се прашуваат дали иднината ги чека на некое друго место. На премиерата ќе присуствуваат неколкумина од браќата – протагонисти во филмот и филмската екипа што работеше на документарецот“, се вели во соопштението.
Утре во Сули-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од уметникот со светско реноме Киро Урдин создадени во Долината Омо во Африка, а ќе биде прикажан и неговиот документарен филм „Вода и оган“. На 27 август, исто така, во Сули ан, премиерно ќе бидат прикажани документарните филмови „Крајолици на човештината“ на Јана Хунтерова, кој е снимен во соработка во „Арт-поинт Гумно“, и „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски.
Со целодневна програма што се отвора со средбата „Продуценти со продуценти“, на која учествуваат филмски продуценти од Франција, Балканот и Вишеградскиот регион, денеска во Младинскиот културен центар почна седмиот МакеКоПроДокс форум.
„Во текот на првиот ден од работата на форумот ќе се одржи презентација на ИДФА и ИДФА Берта фонд, како и презентација и промоција на интернационалните копродукции поддржани од францускиот CNC, Чешкиот филмски центар и Хрватскиот аудиовизуелен центар, додека активностите на Агенцијата за филм на Северна Македонија ќе ги претстави в.д. директорот Сашко Мицевски“, наведуваат организаторите.
„Седмото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 25-ти до 27-ти август 2025 година во МКЦ, обединувајќи филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика. Годинашното издание го поставува прашањето ‘Кому му е гајле за реалноста?’, истражувајќи ги креативните и етичките предизвици на раскажувањето во денешниот медиумски заситен свет“, истакнува Сара Ферро, раководителка на индустри програмата на „МакеДокс“.
На вториот ден на форумот ќе се одржат низа пичинг-сесии, како и средби „еден-на-еден“ помеѓу филмски автори и продуценти, а на крајот од денот ќе бидат доделени награди за најдобрите проекти во развој. Форумот ќе заврши на 27 август со презентација на проекти во развој што учествувале со Мини-слејт апликации на програмата „Креативна Европа“.
МакеКоПроДокс форумот е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативниот документарец низ целиот Балкан. Од своето основање во 2019 година, во рамките на 10-тото издание на „МакеДокс“, Форумот прерасна во витално место за средби на филмски режисери, продуценти, професионалци од индустријата и претставници од филмските центри во регионот.
Фото: „МакеДокс“ фото тим