„Здрава котлина“: Новиот предлог-закон за рударство е отворена врата за уништување на Македонија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини веќе го објави на ЕНЕР новиот Предлог-закон за рударство. На хартија – европски жаргон. Во реалност – отворена врата за уништување на Македонија, реагира еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица.

„Законот воведува категорија ‘стратешки проекти’ за минерални суровини. Што значи тоа? Рудници ќе се прогласуваат за проекти од ‘национално значење’ и ‘преовладувачки јавен интерес’. Економската корист ќе стои над шумите, реките и заштитените подрачја. Се скратува постапката за одобрување на само 15 месеци – без темелни еколошки студии и без вистински јавни консултации“, велат од „Здрава котлина“.

Од здружението посочуваат дека законот продолжува да забранува употреба на цијаниди во рудници со отворен коп, но прави исклучок за постојните рудници.

„Тоа е класична измама: се фали забрана, а во реалност се продолжува со труење како што се случи во Тораница оваа година“, потенцираат оттаму.

Според нив, најопасната стапица е принципот на т.н. „одобрување преку молчење“. Ако општините и институциите не се изјаснат во рок, истакнуваат, автоматски ќе се смета дека се согласни.

„Така локалните заедници се исфрлаат од процесот, иако тие ги трпат сите последици. Молчењето не е одобрување!!! За сите значајни работи во животот и во правото потребно е АКТИВНО ОДОБРУВАЊЕ!“, нагласуваат од „Здрава котлина“.

Исто така, сметаат дека зад овие закони се крие и можноста за масовно раселување. Велат дека цели села ќе бидат избришани од мапата за да се отворат рудници, а луѓето ќе бидат принудени да си ги напуштат куќите, нивите и гробиштата на предците.

„Замислете да ви ја срушат куќата за да отворат коп. Замислете да ви ги префрлат гробовите на вашите најблиски затоа што ‘инвеститорот’ мора да копа под нив. Замислете да станете бегалци во сопствената земја – за профит на неколку политичко-бизнис кланови. Тоа нема да биде развој. Тоа ќе биде насилство и трајна неправда!“, потенцираат од здружението.

Најцинично е што владата брутално ги брани интересите на Европската унија за „критични минерали“, но воопшто не бара имплементација на европските критериуми за заштита на животната средина, сметаат од „Здрава котлина“.

„За Европа – бакар и литиум по секоја цена. За Македонија – отров, пустош и болести. Тоа не е интеграција, тоа е потчинетост. Македонија не е ничија колонија! Време е за отпор! Нема да дозволиме Македонија да стане рударска депонија! Нема да прифатиме закони што ја распродаваат нашата иднина!“, додаваат оттаму.

Од еколошкото здружение бараат вистинска примена на европските еколошки стандарди, транспарентност и право на граѓаните да одлучуваат за својата земја, како и крај на, како што велат, зелената маска и рударската мафија.

„Ова не е развој. Ова е уништување. И затоа велиме: НЕМА ДА КОПАТЕ ОВДЕ!“, заклучуваат од „Здрава котлина“.

На јавен увид се два закони за геологија и рударство, ресорното министерство повикува да се вклучат експерти и граѓани

Радио МОФ веќе пишуваше за овие два закони како најава, кога објавивме анализи поврзани со рудниците и нивното влијание врз животната средина, особено откако група еко-организации го кренаа гласот и ги критикуваа новите стратегии и закони што почна да ги спрема министерството.

Меѓу другото, екологистите рекоа „НЕ“ за обнова на старите рудници и отворање нови во места кои се веќе еколошки оптоварени со старо историско загадување, како во Лојане, така и за Пробиштип, каде постои големо жариште од старото хидројаловиште од рудникот „Злетово“ – 12 милиони тони олово-цинкова јаловина.

Загадувањето од старите рудници опасност за локалните жители, државата не наоѓа начин да ги исчисти тешките метали

Она што лани го крена алармот кај еколозите прво беше програмата на новата Влада 2024-2028. Таму беше наведено дека ќе се носи Закон за рударство, а исто така „Владата ќе ги разгледа можностите за финансирање и планирање на Рударско-енергетски комплекс во Источна Македонија“ и за „отворање на рудници“.

Во изборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, беше допрецизирано дека се работи за „Стогово“ – рудник за манган што ги опфаќа општините Дебрца, Кичево, Дебар, Центар Жупа и Струга, а би придонел, како што стоеше, за економски развој на овој регион. Понатаму „Тајмиште“ – рудник за железо во Кичево, каде би се избрал концесионер за експлоатација на железна руда, исто така „Плавица“ (Црн Врв) – рудник за бакар, злато и сребро на двата локалитети во Кратово и Пробиштип, но и „Лојане“ во Липково – локалитетот што претставува еколошко жариште со 15.000 тони арсен, таму е планирано да се избере концесионер и тој да биде ставен во функција до 2026 година.

Владата генерално наиде на критики за Предлог-Стратегијата за рударство 2025-2045. Можните негативни ефекти од таа стратегија здружи 50-ина еколошки организации за да бараат еколошки гаранции за било каква рударска дејност, додека мислењето на локалните жители да биде одлучувачко ако се издаваат концесии.

Ако државата сака рудници, прво треба да ги праша локалците дали сакаат рудници