Пред изборите, здруженијата со барања: Благосостојбата на животните е тест за институционална зрелост

Во пресрет на изборите, прашањето за благосостојбата на животните мора конечно да излезе од маргините и да стане централно прашање од јавен интерес. Ова не е тема за фусноти, туку тест за институционална зрелост, правна доследност и етичка ориентација, истакнуваат од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“.

„Македонија е сведок на мачни сцени: животни убивани со отров по улиците, кучиња фрлани во борби, коњи злоупотребувани во сообраќајот и користени како товарни средства, легла оставени во контејнери, прекубројна популација на улични мачки оставена без решение, диви животни затворени како експонати, нефункционални стационари кои убиството го прикажуваат како ‘решение’“, велат од „Анима мунди“.

Како што велат од здружението, односот кон животните не е споредна тема, тој покажува дали општеството е хумано или сурово, дали владеат вредности или безредие. Денес институциите молчат, а на терен остануваат само активистите и хуманите граѓани кои ја вршат работата што властите ја избегнуваат, додаваат.

„Затоа прашањето до секој кандидат е јасно и неминовно: ЌЕ ПРЕЗЕМЕТЕ ЛИ ОДГОВОРНОСТ – ИЛИ ЌЕ ОСТАНЕТЕ ДЕЛ ОД ПРОБЛЕМОТ?“, прашуваат тие.

Во име на мнозинството хумани и одговорни граѓани, здружението од кандидатите за градоначалници бара јасен став и согласност околу следниве прашања, кои ги пренесуваме во целост:

1.Масовна стерилизација, вакцинација и микрочипирање – единствениот хуман начин да престане бескрајниот циклус на страдање на бездомните кучиња. Третирање на 75% од репродуктивно способните единки затекнати на улица на дадена територија. Системски, секој град и село, секаде.

2️. Стационари водени од активисти и програмска трансформација по моделот на ЈП „Лајка“ и воведување 24/7 итна служба. Во Скопје бараме континуитет на тимот што ја трансформираше „Лајка“, драстично проширување на капацитетите, зголемен буџет, регионална и институционална координација; координација со општините во рамки на градот и исполнување на нивните обврски кон јавното претпријатие

3️. Реална контрола и инспекција на сопствеништвото на миленици. До денес, ниту една општина не воспоставила вистинска контрола врз сопствеништвото на миленици, иако тоа е законска обврска. Проблемот не почнува од улицата, туку од домот. Зад секое куче или мачка на улица стои неодговорен сопственик. Воведување данок за секое репродуктивно способно куче и мачка, како и стимулативни мерки за одговорните граѓани: бесплатни стерилизации и вакцинација за сопственички животни.

4. Програми за хумана контрола на прекубројноста на мачките на улиците, заедно со субвенции за бесплатни стерилизации. Во Македонија само три општини во Скопје обезбедиле поддршка за стерилизации на мачки – што е недозволиво и уникатно во споредба со соседството и Европа. Фактите говорат дека 75% од родените мачки умираат невидливи на улица (труени, газени, давени, фрлени живи новородени во контејнери или од болести).

5️. Активни општини, кои преку засилени комунални инспекторски служби, ќе превенираат, евидентираат и процесираат случаи на насилство врз животните, со што ќе ја штитат безбедноста на сите. Хуманост како јавна вредност. Борбите со кучиња се организиран криминал што мора да се третира како таков. Расфрлањето отрови е девијантност и јавна опасност. Фрлањето мачиња во контејнери, насилството врз животни е психопатско однесување што мора да се гони кривично.

6️. Забрана за движење на влечни коли со коњи во урбаните средини – коњите не се превозно средство во 21 век. Камшици, пот, крв, асфалт и издувни гасови не се достоинствен живот, туку тортура пред очи на јавноста.

7️. Трансформација на зоолошките во центри за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови – не затвори за животни, туку училишта за хуманост и еко-туризам.

8️. Изградба на гробишта за миленици, бидејќи Македонија е единствената европска земја без системско решение за ова прашање.  Граѓаните се принудени тајно или незаконски да ги закопуваат или фрлаат телата на милениците со здравствени и еколошки ризици.

„Ова се јавни барања на кои очекуваме недвосмислени и конкретни одговори“, потенцираат од „Анима мунди“.

Барањата се заедничка платформа на „Анима мунди“ и здруженијата партнери: Шепасти Ентузијасти Скопје, Мали Херои Битола, Paws-2021 / Шепи-2021, Kumanovo Animal Save, NARD Macedonia, Ејнџелкетс Скопје, Е.Д.Е.Н. и Лина Спаси живот – Кавадарци.