Чиста вода тече повеќе од два месеци покрај булеварот „Борис Трајковски“ заради пукната водоводна цевка во близина на поранешната фабрика ОХИС. Заради дефектот, што сè уште не е саниран, во дворот на фабриката веќе е направено езерце, што се гледа и надвор од оградата. Жители од околината, кои до редакцијата на Мета.мк испратија снимка, алармираат дека стравуваат оти водата може да се пробие и до депониите со линдан и отровите да ги растече во околината.
Од Државниот инспекторат за животна средина потврдија дека се запознаени со дефектот и дека се во комуникација со јавното претпријатие „Водовод и канализација“ за санирање на проблемот. Од ДИЖС потврдуваат дека има собрано вода во дворот на ОХИС, но дека засега е далеку од балонот над малата депонија, од каде се ископува линдан.

Фото: ДИЖС
„Информирани сме дека во близина на некогашна бензинска станица е пукната цевка, како и дека Водовод треба да направи ископ за да го реши проблемот. Засега нема опасност за шаторот над депонијата, а со навремено санирање мора да се превенира водата да дојде до него“, велат од ДИЖС.
Денеска, случајот бил пријавен и во Министерството за внатрешни работи, особено заради опасноста водата да навлезе во базените со линдан и да го разнесе во подземните води. Полицијата излегла на терен, а за состојбата е направен и записник, по што ќе бидат контактирани и Градот Скопје и „Водовод и канализација“ за да се реши проблемот.
Во малата депонија, се преостанати 636 тони линдан, 2.613 тони контаминирана земја, 1.120 тони контаминиран бетон, а според последните истражувања има и околу 70 тони жива. Чистењето почна во септермври 2021 година, а досега се транспортирани и уништени 1.932 тони високо концентриран HCH отпад и 586 тони почва контаминирана со HCH изомери. Во дворот на ОХИС, веднаш покрај малата се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан.
Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато производството од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата во Скопје.
Влијанието на линданот и неговите изомери врз животната средина и здравјето на луѓето е огромно. Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.
View this post on Instagram
Линдан има и во водите на реката Вардар пред Велес, покажале истражувањата на професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија на ПМФ. Загадувањето на подземните води од малата и големата депонија во кругот на ОХИС, но и од онаа во Пеленица која нема никаква заштита, се очигледни. Професорот Стафилов вели дека влијанијата не се задржуваат само на водите, туку загадена е и почвата и воздухот. Радиусот на контаминацијата само се претпоставува, но сигурно зафаќа голем круг во околината на некогашната хемиска индустрија
Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ-честичките.
Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.
Линданот е вклучен во Стокхолмската конвенција во 2009 година кога е класифициран во група А, супстанца која мора да се елиминира и да престане да се произведува. Македонија конвенцијата ја потпиша на 23 мај 2001 година, а на 19 март 2004 година таа беше ратификувана во Собранието на Република Македонија.