Граѓанската иницијатива Support Kocani ја информира јавноста за состојбата со донациите и реализираната помош заклучно со денеска, 19 август, која изнесува вкупен прилив од 4.594.345 денари на наменската сметка. Иницијативата формирана веднаш по трагичниот настан на 16 март во Кочани, вели дека продолжува да работи транспарентно, координирано и во интерес на сите засегнати лица и нивните семејства.
„Еден од најважните сегменти на помошта е набавката на специјализирана компресивна облека, која е неопходна во долготрајниот процес на третман и рехабилитација на преживеаните од изгореници“, забележуваат од Support Kocani.
Првата пратка имаше 149 парчиња, во вредност од 923.458 денари, втората – 43 парчиња, во вредност од 283.802 денари и третата пратка 176 парчиња, во вредност од 2.193.047 денари.
„Со овие три пратки досега се обезбедени вкупно 368 парчиња компресивна облека, кои веќе се испорачани и предадени на Општата болница во Кочани за користење од страна на преживеаните лица. Дополнително, значаен дел од средствата се насочени кон директна поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, како и кон лицата кои се уште се хоспитализирани таму“, информираат од иницијативата.
Досега се донирани и 100 комплети T-LAB PRP KIT и 10 комплети Exomine SMART KIT, со вкупен износ од 267.000 денари, 4 пакувања протеини и 4 пакувања аминокиселини, со вкупен износ од 19.120 денари и сет креми за подобрување на еластичноста на кожата, со вкупен износ од 53.428 денари, додаваат од Support Kocani.
„Овие материјали се наменети за третман на рани, регенерација на кожата и подобрување на процесот на рехабилитација, со цел полесно и побрзо опоравување на засегнатите лица“, појаснуваат оттаму.
Како што наведуваат од иницијативата, сите донации се резултат на поддршката од хумани граѓани, компании и организации од земјата и дијаспората, кои несебично се вклучија во оваа акција.
„Овие бројки не се само финансиски податоци – тие се доказ за солидарност, заедништво и човечка хуманост. Благодарни сме на секој поединец и секоја компанија кои веруваа во оваа иницијатива и помогнаа од срце. Нашата работа не застанува тука – продолжуваме да бидеме тука за засегнатите лица и нивните семејства, сè додека постои потреба“, велат од иницијативата Support Kocani.